Спасовски за Фокус: Нема непристојни понуди до пратениците, тоа е криминал

by fokus

Претседателот на Владата и одредени министри разговараат и со опозицијата и со пратеници во Собранието за уставните измени, но нема непристојни понуди до пратениците, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју за неделникот „Фокус“.

Разговара: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

ФОКУС: Сите се за ЕУ декларативно, имаше расправа во Собранието за уставните измени, но двотретинско мнозинство нема. Ќе чекаме да се договарате зад затворени врати со политичките партии?

СПАСОВСКИ: Декларативниот став дека сите сме за ЕУ треба да биде артикулиран низ политичките одлуки што се носат во Собранието. И треба да се искористат сите дозволени ефикасни демократски механизми за да се дојде до двотретинско мнозинство.

Јас сметам дека одговорноста на политичарите треба да биде на едно многу повисоко ниво од претходно, затоа што застојот на државата во евроинтеграциските процеси ќе биде сериозен проблем за граѓаните и тоа треба да биде основата какви одлуки ќе носите или за што тоа го правите во одреден момент. Апсолутно легитимно е да се разговара со политичките субјекти.

ФОКУС: Кое е решението, ако Мицкоски е дециден дека пратениците на ВМРО нема да гласаат?

СПАСОВСКИ: Решението е низ политички дијалог, низ изнесување аргументи што се сериозни, и во прилог на уставните измени, и во прилог на евроинтеграцискиот процес. Одлуката за уставните измени не е само одлука за внесување на малцинствата во Уставот, таа одлука за отворање на перспективите на државата кон ЕУ.

ФОКУС: Се водат разговори со пратениците?

СПАСОВСКИ: Се водат, секако дека разговараат и претседателот на Владата и одредени министри и со опозицијата, и со пратеници во Собранието итн. И со пратеници од власта, не само од опозицијата. Тоа е широко отворена дебата во македонското општество и така треба да биде.

ФОКУС: Дали има непристојни понуди до пратениците?

СПАСОВСКИ: Не, непристојните понуди се криминал. И тие непристојни понуди треба да бидат процесуирани. Јас зборувам за политички дијалог, не за непристојни понуди. Непристојни понуди од кој било аспект, па и во политиката е криминал. Мислам дека не треба да ги промовираме непристојните понуди, туку треба да промовираме демократско и високосвесно размислување.

Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

 

Поврзани новости