Додека трае кризата се обврзуваме да ја задржиме минималната плата на 14.500 денари, а по завршувањето на кризата ќе обезбедиме раст на минималната плата до 40 проценти и раст на просечната плата до 30 проценти, до крајот на мандатот, најавува техничкиот премиер и носител на пратеничката листа на СДСМ во втората изборна единица, Оливер Спасовски, во мини-интервју за најновиот број на неделникот Фокус.
–Тоа значи и подршка за домашни и странски инвестиции во износ од 600 милиони евра и износ за странски инвестиции од најмалку една милијарда евра до крајот на мандатот. Нашиот фокус е кон солиден и одржлив економски раст на економијата од 4 проценти, до крајот на мандатот. Ако ја кренавме економијата кога решававме клучни стратешки прашања за државата, ако ја спасивме од најлошите сценарија во досегашната здравствено-економска ситуација, можеме и ова што го посочив да го постигнеме. Ако од ВМРО-ДПМНЕ кои го урнисаа здравството и поттикнуват паника во време на здравствена криза, украдоа пари на граѓаните, ја опљачкаа државата и продолжуваат да брани криминалци сакаат да зборува на овие теми, еве шанса да размислат дали можат да се носат со овие факти, но не можат. Тие единствено што можат е да креираат лажни вести, од она што можеме да видиме досега. Експерти се во лажењето, како во крадењето. Ние ќе водиме конструктивна кампања, се грижиме за сите граѓани, за животната средина, следува период на прочистување на правосудството од корумпираните обвинители и судии, воспоставување ред и правда и како што влеговме во НАТО, можеме и во ЕУ. За овие теми ќе зборуваме со граѓаните – вели Спасовски.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС Каков резултат очекувате на изборите генерално и особено во рамки на втората изборна единица, каде ја предводите листата со кандидати за пратеници на СДСМ?
СПАСОВСКИ Коалицијата што ја предводи СДСМ е мултиетничка, каква што ни е државата, каква што е посебно – изборната единица 2. Тука, Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Власи, Бошњаци, други, со векови живеат заедно во Едно општество за сите, концепт што изминатите три години го развиваме и во целата држава. За луѓето во оваа изборна едница, отсекогаш, поважно од тоа што си, било, каков човек си. Тука, “наш“, значи човек кој се грижи за сите. Јас, Сања Лукаревска, Мухамед, Даниела, Мартин, Љатифе, Бастри, Славјанка, Мирослав, Дарио, Ферат, Лидија, Зоран, Санела, Абдула, Драгана, Иван, Ленче, Џељадини, Јована, како и нашите колеги во коалицијата Можеме, сме луѓе кои се грижат за сите. Резултатот во изборната единица 2 ќе ја испрати пораката дека, како што се справивме со режимот и го испративме во историјата, таму до него во историјата го оставаме и национализмот, чие време е истечено. Националистите се опасност, а граѓаните сакаат сигурност. Пресвртот е направен и победата е на страната на прогресивните водства кои се грижат за сите.
ФОКУС Во оваа изборна кампања влегувате и како премиер во техничката влада што се формираше според пржинскиот модел за организирање на избори. Колку тоа ви претставува предност, а колку товар во предизборниот период?
СПАСОВСКИ Секој предизвик е шанса. Ако вака гледаме на работите, товарот е предност, бидејки ја покажува нашата издржливост и волја да се продолжи напред. Знаете дека ја презедов одговорноста да ја предводам преодната Влада, со обврска за организирање и спроведување фер и демократски избори. Во меѓувреме требаше да обезбедиме одржливост на започнатите реформи, за да придонесеме во започнатите евроатлантски интеграции, коишто после повеќе од една деценија застој, после три децении надежи – за две ипол години, со храбрите и државнички одлуки ги претворивме во реалност . Го сочувавме, како преодна Влада, постигнатото, дадовме нови аргументи дека државата ги заслужува перспективите и Република Северна Македонија стана членка на НАТО и доби одлука за отворање преговори со ЕУ. Се случи светската пандемија и се отворија нови предизвици – да се сочува јавното здравје и егзистенцијата на граѓаните и на претпријатијата и фирмите. Во услови на вонредна состојба и преодна Влада, го мобилизиравме институционалниот систем и со нашата искрена посветеност кон општото добро, заедно со професионалците во нашата држава, создадовме механизми за заштита на здравјето на граѓаните, за поддршка на економијата, да се спаси секое можно работно место, секое микро претпријатие или голем бизнис. Минавме, општо гледано, низ многу искушенија, како држава, како народ и секој од нас поединечно. Но тоа никогаш не не скрши, туку не направи посилни, затоа што народот во нашата земја знае да биде заедно кога е најпотребно. Со таа верба и со цврста определба дека земјата што ја изведовме на прав пат, ќе продолжи по исправниот пат, влегувам во оваа кампања. Товар или предност? Јас би рекол шанса за нов заеднички успех.
ФОКУС Кои се главните фактори што сметате дека ќе определат кој ќе победи на изборите, но и кој ќе успее да формира влада? Што, според Вас, ќе биде пресудно при формирање на новата влада – постигнатиот резултат, компатибилноста на програмите, политичките компромиси…?
СПАСОВСКИ Без дилема, ќе одлучи мнозинската волја на граѓаните. Кој има решенија за сите граѓани и за иднината на државата, во него е клучот за мнозинската волја.
ФОКУС Кои прашања ќе доминираат во текот на кампањата? Дали клучно ќе биде справувањето со здравствената криза?
СПАСОВСКИ Ние го покренавме здравствениот систем од пепелта во којашто го затекнавме, покажавме дека е подготвен да се справи со предизвиците што ги носи и една светска здравствена криза, како што е корона-кризата. А, со трите сета економски мерки, помогнавме на граѓаните и на бизнисите во премостувањето на последиците од светската здравствена криза. Пред неколку дена ги пуштивме во работа новиот Ургентен центар и Акушерското одделение во Општата болница во Прилеп, иницијатива што постоеше таму цели 15 години. Го пуштивме во употреба лани новиот Ургентен центар во Куманово, во склоп на Општата болница Куманово, со можност за опслужување 200.000 пациенти од североисточниот регион на државата, инвестиција од 900.000 евра. Струмица, по 33 години доби нова општа болница. Обновени се службите за Итна медицинска помош во Битола и во Велес. По 50 години, целосно се реновира Институтот за трансфузиона медицина. Завршена е првата фаза на реконструкција на таканаречената стара Градска болница во центарот на Скопје. Обновени се 30 јавно-здравствени установи во земјава. Скопје добива нов Клинички центар. Охрид, Тетово и Струмица добиваат модерни регионални здравствени центри. Ги покачивме платите на лекарите и медицинскиот персонал. И ќе продолжиме со вработувања лекари и медицински сестри во јавното здравство, кое веќе го зајакнавме со 780 лекари и 1.000 медицински сестри. Воведуваме и целосно електронско здавство, без користење хартиени форми на документи.
ФОКУС Колку сте задоволен од економските резултати во вакви услови? Дали можеше повеќе и подобро?
СПАСОВСКИ Што се однесува до економијата, покажавме на дело што значи грижа за секој граѓанин и секое претпријатие, фирма, компанија. Првите два сета мерки беа со цел да се помогне на приватниот сектор и да се сочуваат работните места на граѓаните, преку обезбедена финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен и бескаматна линија кредити како поддршка на бизнисите, а третиот сет мерки е насочен кон ревитализација на економијата преку зголемување на потрошувачката на граѓаните. Наменивме 28 милиони евра за засегнати групи граѓани кои деновиве ги добиваат платежните картички за купување домашни производи или користење услуги, станува збор за невработени лица и приматели на социјална помош, кои добиваат 9.000 денари, а вработените со ниски примања и младите од 16 до 19 години добиваат финансиска помош од 3.000 денари. Домашна платежна картичка добиваат и здравствените работници, ангажирани во справувањето со корона-кризата, со средства во висина од 40 проценти од последната основна нето плата. Го помогнавме и домашниот туризам, преку доделување ваучери од 6.000 денари на лица со ниски приходи.
ФОКУС Каде се гледате после изборите – како пратеник, повторно министер за внатрешни работи или пак можеби лидер на СДСМ?
СПАСОВСКИ СДСМ има претседател, кој увеерн сум дека е идниот мандатар за состав на новата Влада, тоа е претседателот на партијата, Зоран Заев. Во тимот на Можеме ќе работам со уште поголема мотивација за доброто на граѓаните, бидејки покажавме дека можеме – помалку важно е од која позиција ќе биде тоа.
Целата сторија во која се обработуваат првата и втората изборна единица прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.