Министерството за внатрешни работи е посветено кон натамошното развивање и зајакнување на начелата на транспарентност и отчетност. Тоа се цели кои за нас имаат првостепено значење, како најдобар и единствен начин да се гради доверба, но и уште потесна соработка со граѓаните, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој денеска учествуваше на Национална конференција за демократско полициско работење на тема „Кон транспарентна, отчетна и инклузивна полиција во Северна Македонија“ во организација на ЕВРОТИНК – Центарот за европски стратегии.
Министерот порача дека фокусот на МВР во натамошното унапредување на позициите и улога на полицијата во јавноста, меѓу граѓаните е насочен во неколку правци на делување.
-Најпрво во сферата на максимална комуникациска коректност и отвореност пред граѓаните и медиумите во генералното унапредување на разбирањето на полициската работа со сите нејзини сегменти: делокруг на надлежности, процедуралност, постапувања, стручност и професионалност, со користење на сите модерни, технички и други стандардизирани механизми на комуникација, вклучително и јавните и други кампањи, проекти и слично, рече Спасовски.
Според Спасовски, податоците на Центарот за граѓански комуникации за активната транспарентност на полицијата, зборува дека Министерството за внатрешни работи во минатата 2021 година било оценета како „многу добра“ што покажува дека МВР е на вистинскиот пат во намерите целосно да се оживотвори концептот на „community policing“ на отворена и инклузивна служба во име и во интерес на граѓаните.