Спасовски: УБК отсекогаш ја има надлежноста врз системите за прислушување

by fokus

-Управата за безбедност и контраразузнавање отсекогаш ја има надлежноста врз системите за прислушување – вели за Фокус министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, коментирајќи ги последните случувања на релација Специјалното јавно обвинителство – Управа за безбесност и контраразузнавање.

Спасовски рече дека Специјалното јавно обвинителство информирало дека им е забранет пристап во УБК, но го повлекло соопштението. На прашањето, дали тоа значи дека во моментов има некој претставник од СЈО во УБК, Спасовски кусо ни одговори: „За тоа обратете се во обвинителството.”

Од Специјалното јавно обвинителство пак, во соопштение кое се уште го има на нивната страница, јавија дека Управата ја презела надлежноста врз системите за прислушување и забранила нивно присуство. Ваква одлука донел директорот на Управата кој го одбил барањето на СЈО да има дежурен истражител во УБК се додека не пристигне надворешниот експерт.

Специјалното јавно обвинителство веќе четврт ден се обидува да спроведе два судски налога за одземање документација за посебни истражни мерки и снимени разговори од УБК во периодот од 2008 до 2015 година, за да се открие кој пруслушувал и кој бил прислушуван.

По синоќешните бркотници пак, откако еден истражител на Јанева беше притворен, а друг избркан од УБК, реагираше токму министерот Спасовски, кој најави дека обезбедувањето на МВР ќе ги чува системите и ќе му обезбеди непречена работа на СЈО.

И.К.

Поврзани новости