„Како еден од најзначајните датуми во македонската историја, 11 Октомври е паметник за вистинската одлука на македонскиот народ – да пристапи кон антифашистичката коалиција, да застане на страната на цивилизираното и прогресивно човештво, да крене востание како почеток на народното ослободително движење. 11 Октомври е симболот на македонскиот непокор, на херојството и на слободарскиот дух на нашите предци од кумановските партизански одреди, односно Козјачкиот и Карадачкиот, како и од Прилепскиот партизански одред“ се вели меѓудругото во честитката на Спасовски.
Тој напоменува дека „во чекор со глобалното антифашистичко движење, со идеалите за слобода, рамноправност и сувереност, таа борба за самобитност и самостојност како Македонци нѐ доведе до сопственото ослободување. И токму таа борба и денес го поттикнува нашето обединување, без разлика на партиската, верската или етничката припадност. Бидејќи и овој пат сме на вистинската страна“.
„Денеска, како чин на највисок патриотизам, ја градиме татковината врз демократските вредности, почитувајќи ги вредностите на сите заедници во земјата, на народите во регионот и во Европа, како најголема цивилизациска придобивка. Денеска Република Северна Македонија е бедем на безбедноста во регионот, затоа што успеавме да го одржиме аманетот на предците и останавме на прогресивниот пат. Во свое и во име на МВР, оддавам длабока почит кон борците за слобода, кон оние кои дадоа сѐ во народноослободителната војна, во борбата за самобитност и самостојност, за да можеме како Македонци да го дочекаме нашето ослободување. Нивниот аманет за мене е завет – за градење на современа, демократска и европска држава. Како Македонци станавме дел од НАТО, како Македонци ќе се приклучиме и кон европското семејство како наша одредница. Нека биде ова цел за обединување, за сплотување – за нас, во чест на претходните, а како оставина за сите идни генерации“ порача Спасовски.