Спасовски за Денот на независноста: Силната волја да бидеме свои на своето влече длабоки корени

by Fokus

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посака благосостојба и просперитет во годините кои доаѓаат во честитката за  8 Септември – Денот на независноста.

-Нема ништо посилно од волјата на народот кога е исправен пред историска одлука. Таа силна волја да бидеме свои на своето, влече длабоки корени од Асномска Македонија, преплетувајќи се во храбрите и мудри одлуки на Првото заседание на АСНОМ. Таква, меѓу другите, е и одлуката за заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, за што сведочат историските документите изложени во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, рече Спасовски во честитката.

Тој потсетидека пред 32 години на овој ден  Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Бошњаците, Ромите, и сите други кои живеат во Македонија, преку референдум се одлучија за самостојна и суверена држава.

-Веќе го потврдивме македонскиот јазик со потпишувањето на ФРОНТЕКС Договорот со ЕУ. Креираме заеднички политики со европските партнери. Седиме на иста маса со НАТО сојузниците, ја имаме целосната и недвосмислена поддршка од нашиот најблизок стратешки партнер – САД. Нека значењето на овој ден повторно ја разгори жедта за обединување,  чувствувајќи ги благодетите да бидеме онаму каде природно припаѓаме – бидејќи ние сме Европа и само како дел од неа сме свои на своето. Стремежот да сме дел од европското семејство е мерка за тоа како се сака државата, каква држава сакаме да им оставиме на идните генерации. Заедно сме на овој пат и заедно мора да го изодиме до крај, до полноправно членство во ЕУ, еднакви со сите останати. Нека ни се вековити самостојноста и независноста на државата!  Да живее Република Северна Македонија!, рече Спасосвки во честитката.

 

 

Поврзани новости