Оливер Спасовски – македонскиот министер за внатрешни работи смета дека ќе се открие идентитетот на лицето што го вееше знамето на „голема Албанија“ на плоштадот во Тетово при посетата на косовскиот премиер Албин Курти.
Денеска на прес-конференција Спасовски повтори дека лицето што го вееше знамето на собирот не е вработено во МВР, но дека неговиот идентитет е сè уште непознат.
„Имаме информации кои веќе ги прибираат колегите и од СВР Тетово и на ниво на Министерството. Јас мислам дека ќе се утврди идентитетот на ова лице. Класификацијата секако е кривично дело, согласно препораките што ги даде јавниот обвинител и на основа на тоа ќе се преземат соодветни мерки“ – рече министерот Спасовски.
Додаде дека на собирот во Тетово имало и лица кои не се државјани на Северна Македонија, а доколку се утврди дека се работи за странски државјанин тогаш, како што рече, ќе се распише меѓународна потерница и ќе се активираат сите механизми за расчистување на овој случај.
Пред три дена МВР објави фотографија од човекот што го веел знамето со „голема Албанија“ на плоштадот во Тетово при посетата на косовскиот премиер Албин Курти и ги повика граѓаните ако некој го забележи или има информации за него веднаш да извести во најблиската полициска станица.
Посетата на Курти на земјава се случи на 11 август.