Спасовски: Предвидено е зголемување на платите за 5% во новата година

by fokus

„Македонскиот полициски синдикат во годините наназад се етаблираше како реална синдикална сила која што претставува кредибилен партнер во сите наши напори за квалитетно и ефикасно функционирање и реформирање на Mинистерството за внатрешни работи“, рече министерот Оливер Спасовски во обраќањето на централниот совет на Македонскиот полициски синдикат што се одржува во Охрид.

Тој најави дека за наредната 2019 година предвидени се нови 70 милиони денари за реновирање на полициските станици, а за набавка на нови униформи нови околу 200 милиони денари. Во новата година предвидено е и зголемување на платите за пет проценти.

„Пред нас се уште многу активности, пред се во поглед на натамошна стандардизација и надградување на полициското работење и полициската професија. И во поглед на професионалниот интегритет, на професионалната стручност и знаења, на целосно операционализирање на законитоста и законите како алфа и омега на полициското работење. Значи, се стремиме кон цели што треба повторно да и ја вратат улогата и местото на полицијата во едно модерно, демократско и слободно општество, да го вратат нејзиното реноме и достоинство. Уште еднаш ќе ја искористам оваа прилика и ќе го повторам нашиот јасен став дека јас и актуелното раководство на министерството остануваме отворени и недвосмислено заинтересирани за тесна и искрена соработка со вас, убеден дека споделуваме заедничка цел – професионална и подготвена институција во која што ќе работат задоволни, стручни и амбициозни професионалци. Се разбира, пред Министерството за внатрешни работи како и пред македонскиот полициски синдикат и натаму стојат крупни и сериозни предизвици со кои треба и мора во наредниот период да се соочиме, притоа со убеденост дека заедно можеме да дадеме и тоа како важен придонес не само во унапредување на работничките права, туку и во севкупно унапредување на нашата институција“, рече министерот Спасовски.

Поврзани новости