Спасовски од Струга: Меѓународната соработка е клучна во управувањето со миграциите

by Fokus

Во рамки на Преспа Форумот за дијалог, денеска во Струга министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше домаќин на панел сесија „Управување со миграциите на релација ЕУ – Западен Балкан: солидарност и споделени обврски”, на која специјален гостин беше директорката на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Ејми Поуп.

Свое учество како говорници земаа министерот без ресор на Црна Гора, Зоран Миљаниќ, министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ, Јоханес Вагнер, директорот на МАРРИ, Сашко Коцев, началник на Оддел во Генерален директорат за миграции и внатрешни работи на Европската Унија, Павел Бусиакиевич, национален грасрут организатор на најголемото ромско движење во Северна Македонија, Аваја, Селвије Мустафи.

Спасовски осврнувајќи се на западно-балканската миграциска рута во која припаѓа и Република Северна Македонија, рече:

„За Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија од суштинска важност беше потпишувањето на Договорот за статус помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража, и се надевам дека во текот на наредниот период, заеднички ќе ги констатираме придобивките од потпишаниот договор и неговото значење за контрола на миграциските текови, обезбедувањето на надворешните граници на ЕУ и безбедноста на границите во регионот на Западен Балкан”.

„Клучна активност на нашиот пат натаму во одржливото управување со миграциите во Западен Балкан претставува напредокот во реализирање на меѓународната прекугранична соработка, зацврстена меѓународна доверба, зголемена размена на информации, која е најдобар доказ за нашата подготвеност да го направиме безбедносниот амбиент уште поповолен, а со тоа и напредокот во европските интеграции уште побрз. Само европски одговор, кој ќе ги вклучува и земјите кои географски и природно припаѓаат на Европа, искористувајќи го потенцијалот на легалната миграција и намалувајќи ја илегалната миграција, осигурувајќи безбедни и контролирани граници, но и хуман и ефективен пристап”, нагласи министерот Спасовски.

Поврзани новости