СДСМ носи сигурност и ова не е предизборен слоган, туку факт, порача носителот на листата во ИЕ 2, Оливер Спасовски во денешното обраќање пред медиумите на градскиот плоштад во Куманово. Тој потенцираше дека е инвестирано во сите сфери од живеењето.
-Слушате ли што се случувало? Договарале да се преврти трактор меѓу Дебарца и Охрид. Договарале сообраќајка кај Кичево. Актуелни носители на листи на ВМРО-ДПМНЕ. Кошмарот од којшто излеговме пред три години демне шанса да се врати, ете нови потврди за опасноста за којашто зборуваме. Христијан Мицкоски ги постави на листи Александар Николовски, Антонио Милошоски, Владо Мисајловски, кој од кој поистурена рака на криминалецот Груевски, рече Спасовски.
Тој апелираше до граѓаните да излезат на гласање за како што наведе се отстрани опасноста и да се избере сигурноста. Иако, овие избори се специфични поради условите сепак, граѓаните функционираат и затоа повика треба да се оди и на избори, бидејќи, нагласи, во прашање е егзистенцијата на граѓаните, иднината на државата, сигурноста.
Осврнувајќи се на здравството, Спасовски рече дека се вработени над 700 лекари и над 1.000 медицински сестри, обновени 30 болници и ургентни центри, за три години, со што посочи е спречен здравствен крах.
-Замислете да останеа руините во здравството од режимската власт. Луѓе ќе ни умираа по ходници. Тие и денес не ставаат потпис за пари од Светската банка што треба да се вложат во здравството. Светска банка гарантира – тие велат не. А, се дел од Владата. На овие ли луѓе од ВМРО-ДПМНЕ ќе го доверите здравјето, вели Спасовски.
Тој ги нагласи и економските мерки, домашни платежни картички, бескамантни кредити, помошта за бизнисите., зголемени плати, пензии, стабилизирана држава на меѓуетнички план, помирување со соседи, членство во НАТО, отворени перспективи за ЕУ.
-Од ВМРО-ДПМНЕ на се се противеа. За нив се што не е тендер со провизии во лични џебови, не е добро. И најважно, денес се живее во слобода – никој не планира семејства во ендек, не тегне за уши, не гаси лифтови на баби и дедовци, не удира боксови во фаца на жени, не прави монструозни планови за намерни сообраќајки, не става пломби на бизниси, не се заканува и не уценува млади луѓе со партиска книшка за вработувања. Денес има грижа за сите-рече Спасовски.