Не смееме да дозволиме уште едни криминални избори и на тој начин да се дозволува системски да се уништува волјата на граѓаните на Република Македонија, волјата на избирачите, порача генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, од Прилеп.
-Затоа не се прифаќаат мандатите за пратеници во Собранието и да се сврти должно внимание и на македонската јавност и на меѓународната јавност дека навистина во Република Македонија демократијата претставува мисловна именка. Не може министерката за внатрешни работи секое одделение или сектор на министерството да го прави штаб на ВМРО-ДПМНЕ, а секој полицаец да биде активист дали е по негова желба или не, истакна Спасовски.
Тој, вчера, пред прилепчани додаде и дека е недозволиво да се злоупотребуваат лични карти и пасоши без разлика дали биле правени на машини или на машинчиња.
-Не станува збор за 200 илјади фалсификат, туку станува збор за фалсификат на пасоши, што се објави на еден од медиумите во Република Македонија. И наместо да се паметува како и на кој начин треба да се менаџира оваа криза, која што ја има Владата, треба час поскоро Јавното обвинителство да излезе и да ги согледа фактите и аргументите, бидејќи не смее во една демократска и слободна држава, да се дозволи ниту еден пасош, ниту една лична карта да биде злоупотребена, фалсификувана, рече Спасовски.
Тој ги повика граѓаните масовно и активно да се вклучат во, како што рече, борбата за расипничката власт на Груевски.