Спасовски: Новиот концепт на МВР е дека секој нелегално стекнат имот мора да биде запленет

by fokus

Ставот на МВР е дека треба да се бориме радикално против криминалот и корупцијата и дека секој нелегално и бесправно стекнат имот треба да биде запленет и да биде конфискуван, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарското прашање кој е ставот на МВР за запленетиот имот во Охрид по налог на јавното обвинителство.

– Во сите години на независна Македонија имавме многу малку случаи на конфискација на имот. Тоа праќаше една порака до криминалните структури дека и покрај криминалните активности, стекнатиот имот, нема да биде конфискуван. Сега начинот на работењето концептуално е сменет и кај МВР и кај Јавното обвинителство. Паралелно со сите постапки и истраги, се води и финансиска истрага и врз основа на наредбите кои ги добиваме од Јавниот обвинител, ние постапуваме и не само конкретно за еден настан или случај, туку за сите ќе се постапува така и понатаму и секој нелегално стекнат имот, мора да биоде вратен на државата, односно на граѓаните, изјави Спасовски, кој денеска присуствуваше на конститутивната седница на Совет за превенција на Прилеп.

Поврзани новости