Спасовски: Новата 2023 да ни биде посреќна, помирна и побериќетна

by Fokus

На прагот сме да ја пречекаме Новата 2023 година со нова надеж. Бидејќи велат, со каква енергија ќе ѝ посакаме добредојде, таква енергија ќе ни донесе во секој нов од 364-те денови. И, секако, да ја испратиме 2022, како година на големи очекувања, уште поголеми предизвици и реформи во глобални рамки и, секако во национални рамки, вели во честитката за Новата година министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Во суштина, посочува Спасовски, само што здивна од пандемијата со корона вирусот, светот се соочи со нови кризи, пандемија од дезинформации, но и закани за мирот, стабилноста и безбедноста, миграции и климатски промени, а особено со закана од тероризам и насилен екстремизам, кои веќе ја менуваат визурата на нормалното секојдневје.

– Но, барем се обедини во ставот дека новото нормално изискува широк фронт, наше заедничко делување, посветеност и обединување во меѓународната коалиција за борба против современите безбедносни предизвици и геополитички случувања. И, тука почнува реформата на глобалната свест, истакнува министерот.

Во национални рамки, пак, потврда за веќе спроведените реформи, но и ветер во грб за оние што ни претстојат, смета Спасовски, беше почетокот на пристапните преговори на земјата со ЕУ, очекуван цели 17 години во чекалницата на кандидатите. Отпочнувањето на скринингот на европското законодавство, како прв чекор во процесот, ги максимизира напорите институциите да одговорат на очекуваното. Покажа, подвлекува Спасовски, дека како држава имаме потенцијал да одговориме на барањата кога перспективите се светли и јасни, кога затвореноста ја заменуваме со европско семејство, подготвено да помогне, да насочи, да охрабри и поттикне…

Како резултат на тоа, потсетува, ја имав честа како министер за внатрешни работи да ги потпишам и првите два документи со Европската Комисија, првиот Договорот со Фронтекс, а вториот поврзан со Заедничкиот план за акција за борба против тероризмот во Западен Балкан.

Спасовски се осврнува и на реформите во МВР.

– Амбициозните и сериозни реформи на стратешко рамниште донесоа исполнување на препораките од Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг на тема „Спречување на корупцијата и промовирање на интегритет кај централната власт и органите за спроведување на законот“, поради што направивме промена на законската регулатива, но работевме и на оперативен план за да ја покажеме посветеноста кон оваа наша стратешка цел, откривајќи 124 кривични дела поврзани со корупција, „тешки“ 227 милиони денари.
Реформите продолжија и во контекст на создавање на опремена, модерна, стручна и ефикасна полиција која ќе биде во служба на граѓаните, вели во новогодишната честитка Спасовски.

Потсетува дека годината МВР ја заокружува со 78 комплетно реконструирани енергетско-ефикасни објекти, набавени униформи и опрема за сите организациони единици во МВР, 30 проценти заштеди на електрична енергија и спроведена на дело агенда на сина униформа која се грижи за зелена околина.

– Покажавме дека можело од година во година да се подобруваат и резултатите за ефикасноста на полицијата, па поткрепено со статистички податоци да зборуваме за стабилизација и намалувачки трендови на криминалните области, а зголемена ефикасност на полицијата за 30, 40, а во одредени области и за 70 проценти. Како што знаете, одлични резултати беа постигнати и во спречувањето на организираниот криминал и шверцот со наркотици. Тоа придонесе и за висока доверба кон полицијата од 50 проценти отсто од испитаната јавност во анкетата на Меѓународниот републикански институт, што докажува дека МВР е целосно реформирана демократска институција, која работи во полза на сите граѓани, истакнува министерот Спасовски.

Амбициозните реформи во државата, а посебно во полицијата во изминатиов период, но и успешната меѓународна соработка на земјата, потенцира Спасовски, добија признание и од меѓународната заедница.

Според меѓународната заедница, наведува Спасовски, МВР, македонската полиција и нашата држава се оценети не само како кредибилен партнер, туку и лидер во регионот за соработка во областа на сузбивање на криминалот и подобрување на безбедноста, како мост во Западен Балкан. Ако кон ова го додадеме и рангирањето на Република Северна Македонија според Глобалниот индекс за мир во друштвото на 36 најбезбедни држави во светот, како најбезбедна држава во Западен Балкан, тогаш, истакнува, можеме со задоволство да го потврдиме континуираниот напредок.

– Што ни останува за идната 2023 година? Реформа на умот! Тоа е она што зависи само од нас и што, секако, имаме потенцијал да го постигнеме. Од најбаналните работи до најкомплексните. Да не седнуваме на волан ако сме консумирале алкохол или без поговор да ја почитуваме максимално дозволената брзина на патот, притоа размислувајќи со подеднаква грижа и за своето, но и за другите деца како учесници во сообраќајот. Или, да не нудиме пари за нешто што е обврска на системот да ни го обезбеди, а доколку некој ни побара, тоа веднаш да го пријавиме во полиција. Еве, уште еден пример, би рекол баш претпразничен – не им купувајте пиротехника на вашите деца, доколку не сакате да бидете директно одговорни за загрозување на нивното здравје или животот. Доколку сте сведоци на криминално дејствие, пријавете го во најбрз можен рок, затоа што доколку тоа не го сторите, токму вие може да станете следната жртва. И такви примери има безброј… , порачува министерот Спасовски.

Додава дека тоа е неговата заедничка новогодишна желба која ќе обезбеди позитивен инпут во Новата година, за да ни донесе безброј нови убави моменти кои заеднички ќе ги славиме. Нека биде тоа патеката кон светлата перспектива за државата која си ја посакуваме.

– Да ја направиме заеднички Новата 2023 да ни биде посреќна, помирна и побериќетна!, порачува министерот Оливер Спасовски.

Поврзани новости