Нерасчистени семејни имотни односи, според првичните сознанија на полицијата, се причините за двојното убиство што денеска се случи во тетовското село Челопек, рече попладнево министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски.
Тој, одговарајќи на новинарско прашања рече дека полицијата работи на целосно рачистување на настанот и најави оти очекува наскоро да имаат подетални информации.
„Во моментов колегите работата на расчистувањето на овој настан. Станува збор за некакви нерасчистени имотни односи во едно семејство. Тоа се првичните сознанија кои што ни ги пратија колегите од терен. Очекуваме дека наскоро ќе се заокружи целиот тој процес и ќе имаме детални информации во однос на настанот“, рече Спасовски.
Денеска околу 14 часот во тетовското село Челопек две лица се убиени, а едно е повредено.
Од СВР Тетово рекоа дека полициски службеници го лишиле од слобода лицето И.И., на возраст од 60 години, за кого во 14:10 часот било пријавено дека со огнено оружје усмртил двајца соселани и роднини и ранил едно лице.
Според првичните информации, повреден е и самиот осомничен, најверојатно од огнено оружје.