Остварување на кое било граѓанско право нема да биде доведено под знак прашање доколку навреме не се променат личните документи, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по одбележување на Денот на Единицата за брзо распоредување кое се оддржа во Куманово.
На прашањето дали со старите лични документи ќе може да се гласа на претстојните претседателски и парламентарни избори, рече дека сега воопшто не се поставува тоа прашање.
Народниот правобранител Насер Зибери вчера изјави дека граѓаните кои имаат важечка лична карта, не треба да плаќаат за нова само поради новото уставно име, туку тоа треба да се плати од државниот буџет.
„Како обврска што ја наметнува државата, поседувањето на личната карта, а како резултат на одлука на државата, да се променат личните карти, во тој случај логично е, граѓаните да не бидат изложени на трошоци, зошто таа обврска се наметнува не по нивна вина, не поради истек на исправата, туку како резулатат на одлука на владата, на Собранието, односно, државата“, изјави вчера Зибери и додаде дека поради тоа смета дека граѓаните треба да бидат поштедени ваков трошок.
На прашањето како ќе ја коментира изјавата на Народниот правобранител, министерот Спасовски рече дека засега нема таква одлука промената на личните документи да биде на товар на државата.
„Во однос на промената на личните документи коишто ги имаме засега нема каква било друга одлука од таа која што е донесена. Значи, тие треба да бидат променети“, рече Спасовски и додаде дека веќе се променети над еден милион документи.
Согласно одредбите од Преспанскиот договор, сите граѓани заклучно со февруари 2024 година треба да ги променат личните документи на кои мора да стои новото уставно име на државата.
Министерот Спасовски тврди дека ако не успеат сите граѓани да ги заменат личните документи во дадениот рок нема да има казни.
„Законскиот рок од 15 дена за добивањето на документот, во континуитет работи погонот за производство на лични документи, двосменски, работи во сабота и во тој законски рок се успева да се извадат сите тие документи кои што ги имаме“, изјави Спасовски