Спасовски: Не постојат партиски болници и партиски вирус, тој ги зафаќа сите луѓе

by fokus

Премиерот Оливер Спасовски, рече дека ќе има казни за оние кои ќе допатуваат од странство, а нема да се самоизолираат.

-Ги повикувам граѓаните сериозно да ги следат упатствата и препораките на надлежните, да бидат на висината на својата лична одговорност и да ни помогнат и нам, и на самите себе. Ние сме постојано активни со цел да помогнеме.

На пример, денеска преку МНР сме во контакт да овозможиме непречен транспорт на конвој од Словенија да пристигне во Северна Македонија, наши граѓани се заглавени помеѓу хрватско- српската граница и очекуваат да им помогнеме да се вратат дома. Но, апелирам до таквите граѓани, кога ќе пристигнат на граница да кажат точно од каде патуваат и потоа да одат во самоизолација 14 дена.

На петте гранични премини кои останаа отворени се потпишуваат изјави од страна на граѓаните дека ќе останат во самоизолација. Затоа апелирам до нив и до нивните семејства да го почитуваат ова. Секој што мора да биде во самоизолација мора тоа да го направи. Имаме полициски службеници кои ги следат постапките на таквите граѓани и предвидени се најстроги санкции за сите кои не се ставаат во самоизолација откако ќе допатуваат во државата. Уште еднаш ќе искажам огромна благодарност до полицијата, армијата, лекарите, медицинскиот персонал- тие деноноќно посветуваат време и знаење да ни помогнат, рече Спасовски.

Тој во вечерашното он лајн интервју истакна дека не е време за политички профитерства.

– Ако на грбот на здравјето на граѓаните и на оваа ситуација се обиде некој од политичките лидери да добива поени, треба да знае дека најмногу ќе изгуби. Ако на некој лидер сега поважни му се политичките поени од животот и здравјето на граѓаните тоа е за секаква осуда. Апелирам сите да застанеме задно зад она што ни се случува, кажа Спасовски.

Вели дека многу членови на опозициските партии се одговорни и ги поддржуваат мерките и за тоа им благодари, но некои од водствата на опозицијата кажуваат декларативно дека ги поддржуваат, а потоа велат дека има несоодветно постапување.

-Не постојат партиски болници и партиски вирус, тој ги зафаќа сите луѓе. Апелирам политичките субјекти да се вразумат, а тоа значи да се почитуваат препораките и институциите и да покажеме дека здравјето и животот на луѓето е поважно од каква било политичка одлука и политичка цел, истакна Спасовски.

Потсети дека телефонски разговарал со политичките лидери и се договориле партиските активности да бидат во мораториум до 22 март.

-Тоа треба да се испочитува. Нивната порака треба да е порака на одговорност кон државата и граѓаните. Секој аспект на оваа криза треба да се цени и од аспект на тоа треба да се носат одлуки и за изборите и за се друго што ќе следува, изјави Спасовски.

Повика и на одговорно и професионално медиумско известување во сегашната кризна ситуација со коронавирусот, а граѓаните да се информираат од официјални извори и преку институциите.

Поврзани новости