Спасовски најави земјоделски субвенции од 200 милиони евра годишно

by Фокус

Силно сме посветени на рамномерниот регионален развој на градските и на руралните средини и на развивање на стопанските дејности во регионите, порача носителот на пратеничката листа на СДСМ во 2 ИЕ Оливер Спасовски во Чучер Сандево.

-Голем дел од вас се занимаат овде со земјоделство и да знаете кога велиме нова развојна економија, мислиме и на модерно, европско земјоделство. Во Програмата се обврзуваме на годишна финансиска поддршка од 200 милиони евра за земјоделството и руралниот развој. Се обврзуваме на целосно бесплатна 100-проценти субвенционирана зелена нафта за сите земјоделци до крајот на мандатот. Се обврзуваме на двојно повеќе пари за поврат на персоналниот данок за земјоделците – рече Спасовски.

Тој додаде дека европските перспективи носат сигурна иднина и повеќе пари за граѓаните.

-По НАТО членството, од вчера испишуваме нова историја кон ЕУ, бидејќи ЕК го утврди предлогот за преговарачката рамка за преговори за членство и го достави до државите на Унијата. Европските перспективи носат развој на сите области. Со отворањето на поглавјата – 2.5 милијарди евра од европските фондови ќе бидат достапни за новата развојна економија – истакна Спасовски.

Поврзани новости