Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека треба да се донесе законско решени со кое фирмите кои се или ќе се најдат на американската „црна листа“ да не можат да учествуваат на тендери објавени од државни институции во земјава.
Спасовски изјави дека одлуката на „црната листа“ на САД да се стават рускиот бизнисмен со македoнско државјанство Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, како и Ратка Камчева, мајката на бизнисменот Јордан Орце Камчев е очекувана.
Тој додаде оти очекува и други лица кои се огрешиле пред законот и нелегално направиле големо богаство на територијата на државата да бидат санкционирани.
-Прво ова е очекувано. Јас очекувам дека и други лица коишто се занимаваат со криминал, коишто не придонесуваат во борбата против корупцијата, оние коишто се судени, им се водени постапки, одлежале казни затвор, коишто направиле огромно богаство на територијата на државата, нормално на секој можен начин тоа да се санкционира. Јас очекувам дека ќе се отвори една дебата во Владата во овој контекст.
Ние разговаравме еднаш по првото објавување на листата и очекувам дека ќе треба да се донесат одредени конкретни мерки. Јас очекувам да се создаде законска можност ваквите компании да нема да можат да учествуваат во јавните набавки во кои ќе се исплаќаат јавни пари или на конкретните лица или на компаниите коишто ги имаат. Така што преку една дискусија сигурно ќе мора да воведеме и некакви нормативни мерки коишто практично ќе ги тангираат ваквите лица – рече Спасовски.
Прашан во врска со споменувањето на поранешниот премиер Зоран Заев и ексгенералниот секретар на Владата Драги Рашковски во образложението за црногорскиот бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ, кој исто така се најде на „црната листа“, тој рече дека „образложенијата и споменувањата не се одлука“.
-Јас апелирам пред сè тоа што е објавено како одлука од страна на американската администрација тоа да го прифатиме и презентираме. Таму образложенија се даваат на секоја поединечна одлука којашто ја имаме, меѓутоа образложенијата, споменувања итн. не се одлука. Ако требало да биде некој во одлуката тие ќе го ставеле – истакна тој.