Спасовски на ЕУ самитот: Ве уверувам дека Северна Македонија ќе остане посветена на фундаменталните реформи

by fokus
Северна Македонија во последните три години реши сериозно да заврти нови страници во својата историја. Излеговме од длабока политичка криза и ги возобновивме демократските институции и владеењето на правото. Испорачавме конкретни и одржливи резултати во спроведувањето на ЕУ поврзаните реформи и во добрососедските односи. Станавме 30-та членка на НАТО и под ваше водство добивме одлука за почеток на ЕУ пристапните преговори, истакна премиерот Оливер Спасовски
во обраќањето на пленарната сесија на видеоконференцијата на Самитот на ЕУ за Западен Балкан – Загреб 2020.
Премиерот Спасовски, заедно со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше во работата на Самитот кој оваа година се одржува во организација на Хрватска, како актуелен претседавач на Европската Унија, а поради пандемијата со КОВИД-19 организиран е онлајн.
Во обраќањето на Спасовски, кое го пренесе владината прес-служба, премиерот истакна дека сме подготвени за следните чекори и, како што рече, ќе работиме посветено со Комисијата и ЕУ Советот што поскоро да ја закажеме Првата меѓувладина конференција која ќе го означи практичниот дел од преговарачкиот процес согласно со новата методологија.
-Би сакал во оваа прилика уште еднаш да ве уверам дека Северна Македонија ќе остане посветена на фундаменталните реформи и ќе продолжи да придонесува за европската безбедност. Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија се нашиот влог во идната заедничка Европска иднина при што ќе биде од исклучително значење да продолжиме да ги спроведуваме со добра волја подеднакво од наша страна како и од страна на засегнатите земји членки, истакна Спасовски.
Лидерите на земјите членки на Европската Унија и лидерите за земјите од Западен Балкан на Самитот дискутираа за соработката за справување со КОВИД-19, за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и посветеноста на земјите од Западен Балкан на европските вредности и реформи.

Поврзани новости