Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека акцијата на МВР и Обвинителството за организиран криминал и корупција не влијаело тоа што поранешниот директор на Управата за јавни приходи Исмет Гури бил бунтовник во ДУИ. Тој ова го изјави попладнево на ТВ„Сител“.
„Не може да стане збор за политичка пресметка, единствено се водиме од борбата со криминалот и корупцијата. Тоа ниту еден момент не се заснова на верска, етичка или политичка припадност. Ние сме тука да ги обезбедиме средствата на граѓаните, а поголем престап нема од прибирање на буџетските средства. Нема потреба ниту можност да се навлегува во какви било квалификации, ова е предмет кој ја покажува цврстата определба на МВР да не отстапуваме од тоа дали некој е близок со друг“, изјави Спасовски.
Во голема полициска акција утрово беа уапсени бизнисмени, инспектори и политички функционери, а меѓу нив и Исмет Гури, кој од функцијата во УЈП беше разрешен затоа што беше член на „Огнената група“ од ДУИ.
Спасовски објасни дека акцијата се одвивала подолго време, а била почната по сомнежи во Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција во МВР.
Гури и неговиот син се меѓу тројца вработени во УЈП што се уапсени за злоупотреба со финансисксиот инструмент „даночен гарант“ при што е направена штета на буџетот од околу 840 илјади евра. Осомничените се товарат за „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службена положба“, „затајување на данок и перење пари“.
Минатата недела Гури беше осуден на 3 и пол години затвор за изборни злоупотреби во случајот Титаник 3.