Спасовски: МВР речиси целосно ги разби криминалните групи од Грчец, Арачиново и Чаир

by Fokus

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервјуто за „Гласот на Америка“, на темата за преземените активности на МВР во справување со трговијата со дрога, истакна дека спречувањето на трговијата со дрога, како и трговијата со оружје, кои се дел од сегментите во борбата против организираниот и транснационалниот криминал, се меѓу врвните приоритети на МВР.

„Во овие први девет месеци од 2023 година имаме некаде околу 576 кривични дела откриено за трговија со дрога. Пријавени се некаде околу 680 сторители и притоа бележиме зголемување на заплените на кокаин, на амфетамин и на екстази“, рече Спасовски.

Тој додаде дека запленети се 304 кг марихуана, 7 кг амфетамини, околу 3,2 кг кокаин, околу 4000 парчиња екстази, 5000 таблети трамадол, 3500 таблети МДМА, а откриена е и една лабораторија за производство на амфетамин.

„Ова се резултатите кои што говорат за зголемување на откривачката функција во трговијата со дрога и покажуваат посветеност во работењето и тоа на највисоко ниво во сузбивањето и борбата против трговијата со дрога. Значителни постигнувања се остварени во спречување на организираните облици на трговија со дрога при што во овој период се пресечени три меѓународни транспорти на марихуана и се сузбиени 5 криминални групи кои дејствувале меѓународно и национално во делот на недозволената трговија со марихуана и кокаин, во кои членувале 28 македонски државјани и притоа се запленети околу 71 кг марихуана и 1,5 кг кокаин, а во рамки на две организирани криминални групи на територија на Албанија и на територија на Грција се запленети 429 кг кокаин“, посочи Спасовски.

Тој појасни дека станува збор за акции кои се реализираа по информации на службите од МВР, успешно спроведени во заеднички соработка со полициите од Албанија и Грција.

„Дополнително на почетокот на јуни, Одделот за криминалистичката полиција во рамки на заедничката меѓународна истрага за борба против дрога, во Солун, Грција и Американската служба за борба против дрога – ДЕА имаа успешно реализирана акција на заплена на 161 кг кокаин кој што бил транспортиран од Еквадор. Ова е една од акциите кои што ја спомнав, а втората е на 104 кг кокаин, каде што се лишени од слобода 10 лица, од кои 7 се државјани на Грција и три државјани на Албанија, а 4 државјани на Република Северна Македонија. Секако, дека ова се одлични резултати, резултати кои што се едни од најдобрите во последните 30 години од независноста на државата до денеска и практично најголемите криминални групи и структури во државата во Скопје, познатите групи од Грчец, од Арачиново и од Чаир се скоро целосно разбиени и на тој начин дадовме еден сериозен одговор за тоа каква е намерата на државата да се справи со најтешките облици на криминалитет, а тоа е, секако, трговијата со дрога“, подвлече Спасовски.

 

Поврзани новости