Спасовски: MВР на граница ги контролира сообраќајната дозвола и зелениот картон

by Fokus

Автобусот на „Беса транс“ во 2020 година во 22 случаја има остварено влез – излез од државата, додека во 2021 година има 113 преминувања на државната граница.

Овој автобус првпат е регистриран во Скопје на 15.10.2020 година, во сопственост на БЕСА ТРАНС БТБ ДООЕЛ, последниот технички преглед е направен на 05.10.2021, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Како што истакна Спасовски попладнево на прес-конференција во Владата, согласно резултатот за измерени вредности од техничкиот преглед направен од страна на стручните лица во овластеното правно лице за вршење технички преглед на возила, нема отстапки кои укажуваат на неисправност на возилото и нема забелешки.

– Важноста на регистрацијата е до 13.10.2022, а возилото е произведено во 2007 година, рече Спасовски.

Според него, потребата за соработка што ја побарала бугарската страна, била повеќе околу обезбедување лични документи и останата документација.

– Би сакал да расчистам една дилема околу надлежностите. Полицијата прави контрола на документите кои лицата и возилата е потребно да ги имаат при преминување на државната граница, односно патни исправи и лични карти за патниците, а за возилата припадниците на МВР ги контролираат сообраќајната дозвола и зелениот картон. Одделот за гранични работи и миграции при БЈБ во МВР не е надлежно да ги проверува лиценците за превоз на автобусите на граничните премини. Тоа е во надлежност на Царинската управа и Државниот инспекторат за транспорт, подвлече Спасовски.

 

 

Поврзани новости