Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски им честиташе на припадниците на МВР и на Одделот за воздухопловни единици.
„Благодарение на успехот на припадниците на Хеликоптерската единица за полициски намени и на Хеликоптерската единица за посебни намени при Одделот за воздухопловни единци, кои дејствуваа во гасење пожари низ државата – во реонот на Свети Николе, реонот на Дојран, реонот на Богданци, реонот на Демир Капија, велешка Отовица, Гоцева Шума, кочанските села Соколарци, Врбјани и Жиганци, на територија на Општините Чешиново-Обелешево, Кривогаштани, Сарај, велешко село Богомила, реонот на езерото Мантово, како и кај Лозово, тие беа ставени под контрола“, напиша Спасовски на ФБ.
Тој вели дека користени се хеликоптерите на МВР (Мi171 и Bell412, Bell212). Со околу 200 налети и прецизно исфрлени околу 470 тони вода врз најкритичните точки, како и со помош на локалните пожарникари – пожарите се изгаснати.
„Кога го преземав раководењето со МВР, имаше само еден хеликоптер во функција, а од 2021 почнавме со гаснење на пожари со три хеликоптери. Воедно, очекуваме за скоро време да се реализира проектот за хеликоптер за медицински транспорт за лица“, вели Спасовски.