Министерот Оливер Спасовски, одговорајќи на пратеничко прашање од Антонио Милошоски, денеска во Собранието, го спомена случајот со Општина Пласница, каде уште во 2012 година се дозна дека таткото на Милошоски ја купи општинската зграда. Како што рече Спасовски и на ова му требаше време да се дознае, како што требало време да се дознае и за прислушувањето во јавното обвинителство.
Милошоски праша:
-Зошто ако сте ги успокоиле уште во април дека сте зеле превентивни мерки, државниот обвинител 6 месеци по ваше известување излегува во јавност по своја иницијатива и изјавува дека обвинителството се прислушувало од 30 септември 2016, изјава дадена во ноември 2018 година, шест месеци по вашето известување до нив? – праша Милошоски, на што министерот одговори:
-Истрагите ги води јавно обвинителство, не ги води МВР. Сознанијата кои ги имавме сме ги пласирале. Веројатно имале потреба од Јавното обвинителство за рок за да се утврдат докази. Никој надвор од институциите не можел ништо да злоупотреби, затоа што центарот за комуникации е во таа зграда и они располагаат со тие разговори. Зошто јавниот обвинител по шест месеци ја известил јавноста тоа можете да го прашате него. Инаку, вие знаете дека за секоја предистражна постапка, потребно е одредено време. Се сеќавате на купување на општината во Пласница, требаше време да се дознае дека тоа е вашиот татко – рече Спасовски.