Спасовски: Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се прашања за кои никој нема право да разговара

by fokus

Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се нешто за кое никој нема право и не разговара во ниту еден момент, за тоа не може да се разговара. Можеме да разговараме за сите други прашања што претставуваат некаков интерес, меѓутоа не и за прашањата кои се наш идентитет и наш јазик, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по посетата на Жеровјане, каде што изврши увид на новата реконструирана зграда за полициското одделение.

Во однос на преговорите со Бугарија, Спасовски нагласи дека како Влада прават напори за на принципиелна основа да се постигне компромис во однос на отворените прашања.

– Секако дека секој има право и можност како ќе постапува во тој дел. Ние остануваме посветени на нашиот европски пат, ќе направиме се за да ги реализираме овие европски аспирации. Како Влада покажавме во изминатите години дека знаеме да решиме прашања, да затвориме тешки прашања, знаеме да ги отвориме перспективите за граѓаните, меѓутоа тоа мора да биде на принципелна основа, на почитување на едни со други, на помирување едни со други и тоа се принципите на кои ќе мора да работиме и понатаму, изјави Спасовски.

По барање на новинарите да прецизира во кој дел може да се направи компромисот со Бугарија во преговорите, министерот Спасовски истакна дека во изминатите три години, како што рече, „подготвени сме на компромиси што се на принципиелна основа, а компромиси не може да има за ништо друго освен за тоа дека треба да се помириме и да ја гледаме нашата перспектива во иднина“.

– Историјата ќе ја оставиме на историчарите и тие нека разговараат за тоа што се случувало во минатото. Ама не смееме да останеме заробени во минатито, туку треба да гледаме во иднината. За нас како Влада, за мене лично како политичар е многу важно каква перспектива ќе оставиме на нашите деца, на младите генерација. Кон тоа треба да бидеме насочени, нагласи Спасовски.

Прашан дали бугарското „не“ за почеток на преговори со ЕУ може да влијае врз безбедносната состојба, министерот за вантрешни работи одговори дека нарушување на безбедносната состојба нема и не може да има.

– Нема никакви индиции заради тоа што инситуциите на државата функционираат нормално и сите елементи од безбедносниот сектор се насочени кон тоа, да го зачуваме мирот и безбедноста на граѓаните, изјави Спасовски.

Поврзани новости