Спасовски: Курбан Бајрам е празник на солидарноста, хуманоста и грижата кон најблиските

by Fokus

Претседателот на Владата на Република Македонија, Оливер Спасовски, по повод празникот Курбан Бајрам упати телеграма со честитки до вршителот на должноста претседател на Исламската верска заедница, хаџи хафиз Шаќир Фетаху, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед.

Во продолжение ви ја пренесуваме честитката во целост:

-Ви го честитам големиот муслимански верски празник Курбан Бајрам на Вас, на членовите на Исламската верска заедница и на сите граѓани што го чествуваат празникот, во име на Владата на Република Македонија и во мое лично име.

Курбан Бајрам е празник на солидарноста, хуманоста и грижата кон најблиските.

Во период кога се соочуваме со пандемијата на КОВИД-19, светите празници носат голема духовна сила којашто ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност.

Курбан Бајрам е од редот на највеличествените и најсветите денови. Овој празник за секој исламски верник е водилка да се грижи за семејството, соседите и пријателите, за сите на кои им е потребна поддршка и помош.

На овој величествен ден, кој нè потсетува на суштината на човечкото постоење, да покажеме грижа и за најскапоценото нешто за сите нас, за здравјето.

Во духот на празникот како одговорни граѓани кон себе, кон своето семејство и кон државата да ги почитуваме препораките на здравствените власти.

Курбан Бајрам ни посочува вредности кои се универзални, патокази кон унапредување на животниот морал кон кои треба да тежнее секој човек, без разлика на верската или националната припадност.

Благородните пораки што ги испраќа овој празник повикуваат на изградба на „Едно општество за сите“, на општество на еднакви можности во кое културните, етничките и верските разлики се богатство и непроценлива уникатна вредност.

Во вековната традиција на соживот и разбирање во нашата земја, дозволете да ви посакам многу радост, духовен мир и топлина во домовите на сите припадници на исламската вера во овие празнични денови.

Нека биде благословен и честит празникот!“

Поврзани новости