„Под раководство на Обвинителство, лишени се од слобода лица за кои постои сомнение дека биле инволвирани во набавка на кокаин и вршење на тешки кривични дела – убиства. Повеќемесечната истрага придонесе да се обезбедат доволно докази против пријавениот Ш.М. (47) од село Грчец, кој заедно со сега починатите О.Б. и Ј.К. организирале криминална група. Била формирана со цел вршење убиства од користољубие“ рече меѓудругото министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција во Владата.
Тој напомена дека „оваа криминална група која делувала на меѓународно ниво набавувала кокаин од Еквадор, Перу, Бразил и Боливија. Плановите и договорите ги правела преку непосредни контакти. Од досега спроведените мерки е документирано дека оваа група организирала две набавки на кокаин до земјите од ЕУ и С. Македонија. 435 килограми кокаин набавен од Бразил и транспортиран до пристаништето во Антверпен, Белгија. Дел од наведената количина требало да заврши и на пазарот во Македонија“.
„Групата организирала и неколку транспорти на дрога од Белгија и Албанија во С. Македонија. Припадниците на оваа група се стекнале со значителни финансиски средства кои ги инвестирале во лукзусни куќи, угостителски објекти, кои се предмет на конфискација. Организаторот на групата Ш.М. заедно со членовите организирале обид за убиство на лице од село Бардовци, убиство на албански државјанин чие тело беше најдено во село Горна Матка, како и двојно убиство случено на 5 март 2021 година во Скопје“ рече Спасовски.
Како што соопшти вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, се работи за Ш.М. (46), Д.И. (50), Ф.Б. (45), Б.А. (44), Р.С. (41), С.А. (44), М.Ч. (27), С.С. (36), Ш.А. (27), Ш.Б.(20), Н.И. (44), Е.И. (25), Ф.С. (43), Ш.С. (40), М.Д. (41) и О.П. (43) .
Сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, а ги предводел Ш.М. од село Грчец, заедно со веќе починатите О.Б. и Ј.К., од декември 2019 до март 2021 година, за што се обезбедени докази. Во овој период, групата организирала транспорт на 435 килограми кокаин во земјава од Бразил.
Според Спасовски, организираната крмининална група била формирана за вршење убиства од одмазда и по порачка од користољубие. Организаторите создавале планови и одлучувале кој, кога и како да биде лишен од живот, а плановите ги спроведувале лично или преку организираната криминала група. Организираната криминална група делувала на меѓународно ниво, оранизирала набавка на кокаин од јужноамерикански земји, пренесување до земјите на ЕУ, а дел бил наменет и за наркопазарот во земјава.
-Како резултат на денешните активности и извршените претреси на 20 локации во Скопје, во село Грчец и други места, шестмина од пријавените се лишени од слобода, дел подолго време престојуваат надвор од земјава, а едно лице, Р.С., е веќе лишено од слобода во Шпанија, истакна Спасовски.
Според него, при претресите се запленети голема сума пари, луксузни автомобили и други вредни предмети.
МВР во координација со Основното јавно обвинителство за организиран криминал по издавањето потерници за лицата кои се надвор од земјава ќе преземе координативни мерки со поддршка на ЕУРОПОЛ за нивно лишување од слобода.