Спасовски: Корона вирусот не познава граници, подготвени сме за оваа ситуација!

by Fokus

Премиерот Оливер Спасовски, денеска учествуваше на видео конференцијата на Самитот за Западен Балкан 2020, под покровителство на канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, на која се расправаше за соработката на актуелни прашања од интерес на граѓаните од регионот и за проширувањето на ЕУ, како и за справување со корона вирусот.

На видео конференцијата, премиерот Спасовски беше придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, а на неа учествуваа премиерите од земјите на Западен Балкан, и еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.

Премиерот Спасовски во обраќањето се осврна на состојбата со корона вирусот и на тоа што земјава презема за спречување за спречување на ширењето. Порача дека е потребно заедништво на сите земји од регионот, но и од Европската унија.

-Република Северна Македонија прогласи кризна состојба во две општини. Бројот на потврдени позитивни случаи на заразени со корона вирусот изнесува 23 лица, а 2 лица кои се позитивни на корона вирус на тест направен на приватна клиника, во текот на овој ден повторно ќе бидат тестирани во Институтот за јавно здравје. Подготвени се сите потребни активности за да обезбедиме и спроведеме ефикасни мерки за справување со ситуацијата и со ширењето на корона вирусот. Сите институции и нивните припадници, стручни за организирање и спроведување на сите неопходни акции и мерки од Акцискиот план за оперативна имплементација на Одлуката за постоење на кризна состојба се на терен, рече Спасовски.

Од двата меѓународни аеродроми, додаде, сега работи само еден – Меѓународниот аеродром во главниот град Скопје, а по истек на 48 часа од денот на влегувањето во сила на оваа одлука на Владата, тој ќе биде во функција само за државни, воени, хуманитарни, болнички, карго и летови без патници за позиционирање на воздухоплови, со претходна најава до аеродромскиот оператор ТАВ Македонија ДООЕЛ, а АД М-НАВ Скопје да издаде НОТАМ препорака.

-Донесовме одлука да ги затвориме границите за сите странски државјани. Во функција се само пет копнени гранични премини само за нашите државјани и за товарните возила за кои е воведен посебен безбедносно санитарен и здравствен режим. Ги поставивме работите на највисоко и најодговорно институционално рамниште, и такви ќе останат во секоја наредна фаза. Сметаме дека сме подготвени како општество за институционален одговор за оваа ситуација. Ова е време кога секоја земја треба да има свој автентичен одговор, но корона вирусот покажа дека не познава граници и дека не можеме да ставиме стаклено ѕвоно над било која од нашите држави, истакна премиерот Спасовски.

Поврзани новости