Најдоброто помирување ќе биде кога секој ќе одговара за своите криминали и тука нема и не треба да има компромис, за луѓе кои направија сериозни штети на државата, на демократијата, на многу процеси, мора да се сноси одговорност, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека за доброто на државата би се помирил со поранешниот премиер Никола Груевски.
Министерот Спасовски во вечерашното гостување во дневникот на Сител посочи дека единственото помирување помеѓу политичките субјекти мора да се носи врз основа на принципот на одговорност.
-Зависи што е помирувањето, јас сметам дека најдоброто помирување ќе биде кога секој ќе одговара за своите криминали и тука нема и не треба да има компромис, за луѓе кои направија сериозни штети на државата на демократијата на многу процеси во државата и за тоа се водат постапки секако мора да се носи одговорност. За мене помирувањето може да биде само на такви принципиелни основи, помеѓу политичките субјектки, помеѓу политичарите, дециден беше Спасовски.
Потпретседателот на СДСМ пак Фатмир Битиќи пред неколку дена во гостување на тв 21 на прашање дали власта може да се пазари со гласови во замена за враќање на Никола Груевски рече дека е подготвен за доброто на државата да се согласи со условите што му се поставени.
-Јас сум првиот што седнува и зборува за помирување, ако резултатот од тоа помирување може да донесе појасна иднина за државата и идните генерации кои треба да живеат овде, рече Битиќи и појасни дека вклучено е и враќањето на Груевски за кое потенцираше дека „помирувањето не значи амнестија. Помирувањето може донекаде да ја ублажи казната. Нема простување на дела“.