Приоритет и цел е Владата активно да продолжи да работи во сите сегменти, вели во првото интервју за БИРН техничкиот премиер Оливер Спасовски и додава дека не смеат фокусот да го насочат исклучиво кон партијата од каде што доаѓаат или од нејзиниот интерес. Пред сите во Владата, порачува, стои единствено интересот на државата.
Нема никакви дилеми околу главниот приоритет на оваа влада, истакнува, очекува мирна, фер и демократска кампања, како во претходните три циклуси.
Во интервјуто Спасовски им вети на граѓаните одговорна и транспарентна Влада, која ќе го слуша гласот на граѓаните, ќе работи, нема да застанува во реализација на проектите и ќе ги оправда очекувањата на сите граѓани.
– Да продолжат реформите за да нема застој во напредокот, да ги реализираме проектите што ќе значат економски развој и раст, да направиме сѐ државата да биде подготвена за фер и демократски избори, со шанса еднаква за сите партии, но и за граѓаните слободно да ги донесат одлуките. И од претставниците на опозицијата во Владата очекувам да бидат насочени кон остварување на тие интереси на граѓаните, дециден е Спасовски.
Според искуствата што неодамна ги споделил со претходниот технички премиер, Емил Димитриев, таа позиција воопшто не е лесна, бидејќи, посочува во интервјуто, треба да се менаџираат персонални решенија што не се именувани од премиерот, па дел од кадрите и не чувствуваат одговорност кон него.
Спасовски во интервјуто меѓу другото вели дека не е изненаден затоа што немало сериозна реформа во ВМРО-ДПМНЕ, ниту во кадрите, ниту во политиките што ги нудат пред граѓаните, туку само празни флоскули.
– Ако нема реформи, има континуитет на партијата што го инсталираше режимот во државата. Намерите на ВМРО-ДПМНЕ се повеќе од јасни. Тие би направиле сѐ повторно да го вратат режимот на Груевски, рече Спасовски, осврнувајќи се на предлогот Наќе Чулев да биде министер за внатрешни работи, кој по предложениот претходно Драган Ковачки, подвлекува, заврши како поместување „од трн на глог“.
СДСМ се изјасни дека тој предлог е прифатлив според критериумите, но во соопштение потсети дека бил директор на Агенцијата за разузнавање во време кога се случија настаните во „Диво Насеље“ и дека опозицијата се обидува да ја враќа земјата назад во деновите на сериозни внатрешни конфронтации.
Спасовски очекува Чулев да работи во интерес на безбедносниот систем.
Во врска со обвинувањата од опозицијата дека заедно со Зоран Заев се обидуваат да му ги скратат овластувањата на техничкиот министер за внатрешни работи преку нова систематизација, Спасовски тврди дека тоа се целосни невистини.
– Нема можност да му се ускратат правата на министерот за внатрешни работи, бидејќи тие се утврдени со закони. Очекувам дека ќе имаме конструктивна работа во МВР, без застој и без враќање назад, напротив – да се продолжи со сите добри работи што ќе значат јакнење на институцијата и на професионализмот. И систематизацијата, и сѐ друго што е направено е резултат на длабоки анализи за да имаме поефикасен систем на функционирање во безбедноста, тврди тој.
За обвинувањата дека 1.000 решенија за прераспоредување биле подготвени во декември, смета дека тие се кажуваат поради непознавање на работите. Неговиот наследник во МВР, Чулев, веќе најави дека по потребен период за согледување на состојбата, ќе ја информира јавноста за тие решенија. Спасовски уверува дека станува збор за тековна активност.