Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека полицијата ќе поднесе пријави доколку се утврдат елементи на кривично дело за загрозување на животната средина, откако Скопје неколку дена се давеше во ѓубре, бидејќи вработените во ЈП„Комунална хигиена“ кои беа на протест одбиваа да го собираат сметот.
Тој рече дека го чека записникот од надлежните инспектори кои на терен ја контролирале состојбата со преполните контејнери и со, како што вели еколошката катастрофа која го загрозува здравјето и животот на граѓаните.
„Мислам дека денеска треба да биде доставен записникот од инспекторатот за заштита на животна средина, комуналниот инспекторат и инспекторите од Град Скопје, да ги видиме нивните наоди во целата оваа состојба и во постојана координација сме со обвинителот, а доколку се утврдат елементи на кривично дело за сите сторители кои придонесоа за главниот град да се дави во смет можно е да бидат поднесени кривични пријави согласно со доказите кои ќе бидат прибрани“, изјави Спасовски, по посетата на Центарот за обука во Идризово.
Кон кракот на минатата недела вработените во ЈП„Комунална хигиена“ излегоа на протест и бараат поголеми плати, исплата на к-15 и во знак на револт што директорката на претпријатието Косана МАзнева Николиќ отпуштила нивни колеги. Тие престанаа да го собираат ѓубрето од контејнерите и за кусо време градот беше преплавен со ѓубре и смрдеа. Доректорката Мазнева Николиќ рече дека поделила откази на тие што не оделе на работа и дека дел од вработените кои протстираат се закануваат и на вработените и на неа.
Таа завќера вечер заедно со скопската градоначалничка данела Арсовска се обидоа да извадат дел од камионите на „Комунална хигиена“ за да почнат со собирање на ѓубрето, но вработените кои протестираа во кругот на претпријатието ги спречија. Потоа интервенираше и полицијата, по што камионите излегоа на скопските улици и почнаа со расчистување на сметот.
Истата вечер дел од скопските градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се саморганизираа и почнаа да го собираат ѓубрето, кое се обидоа да го остават на депонијата „Дрисла“ Вработените во депонијата не ги пуштија камионите со ѓубре собрани од скопските општини, со објаснување дека тие немаат договор со ова претпријатие, па градоначалниците на Кисела Вода и Аеродром во знак на револт ѓубрето го истурија пред капијата на депонијата „Дрисла“.
Од депонијата „Дрисла“ пак вчера рекоа дека градоначалниците на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и на Аеродром Тимчо Муцунски направиле кривично дело против животната средина со тоа што ѓубрето го истуриле пред капијата на претпријатието.
Дел од скопските градоначалници вчера бараа оставка и од директорката на ЈП„комунална хигиена“ и од градоначалничката Арсовска, која пак изјави дека Скопје се чисти и состојбата во претпријатието е нормализирана.