Никој од министрите кои излегоа попладнево на прес-конференција, ниту министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ниту министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ниту министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски не се изјаснија дека чувствуваат одговорност за автобуската несреќа што се случи во Бугарија и во којашто загинаа 45 лица.
Бочварски рече дека според надлежностите во Министерсрвото за транспорт и врски не се утврдени никакви прекршувања и нема никаква одговорност, но порача дека секаде кадешто ќе се утврди, треба да има одговорност.
Министерот Спасовски пак индиректно ја посочи одговорноста во бавните судски постапки што се водат за овие случаи како што е судскиот процес за Ласкарци, но и други сообраќајки со жртви.
-– Одговорноста е едно од најважните прашања. Многу е важно да имаме ефикасни постапки. Сметам дека не само интуициите кои постапувале пред истрагата или во истражната постапка, туку и во рамки на судските постапки треба да биде динамично.
Ако тоа не е случај, а гледаме дека со Ласкарци тоа не е случај, ќе треба да се носи и друга одговорност. Секој од нас нема да верува во системот во кој има одложување на правдата. Затоа ќе мора час поскоро сите институции да бидат ставени во функција за да има конкретна одговорност.
Инаку, сите контроли, постигнувањето добри резултати во однос на жртви и повреди, сиот кредибилитет го рушат еден или два случаја со загинати и постапки кои се одолговлекуваат во судските лавиринти, рече Спасовски.