Издавањето на викендици на едно семејство е дозволено, но не и на група луѓе, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес конференција.
„Еден од заклучоците беше и издавањето на викендици за луѓе кои се организираат во групи – нема никаква забрана за издавање на викендица на едно семејство било каде на територијата на нашата земја, меѓутоа секако е кривично дело издавање на викендици на групи на луѓе. Не е идеата да донесеме одлука дека рестораните, хотелите да не можат да работат после 18 часот се’ со цел да помогнеме во спречувањето на вирусот, а од друга страна да отвораме други такви објекти и во околината на Скопје, во Сопиште, Маврово, Охрид, Струга и во било кое од туристичките места. Зошто би била забраната за хотелите, кога некои тоа можат да го прават во викендиците“, изјави Спасовски.
Тој истакна дека веќе се изготвени плановите за засилени контроли кон издавањето на просторите и објектите, кои ќе започнат од наредната недела и во текот на новогодишната ноќ.
„Ќе постапува врз основа на сите дозволени норми и правила кои се дозволени врз основа на законот, секако таму каде што ќе имаме сознанија дека има групирање на лица во издадени викенд куќи ќе се направи увид и ќе има соодветни пријави. Ова е кривично дело за директно загрозување на живото и здравјето на граѓаните“, одговори Спасовски на поставеното новинарско прашање.
Пред само два дена, Владата усвои нови рестриктивни мерки со кои угостителските објекти во периодот од 18 декември до 20 јануари ќе работат до 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега. Истовремено, властите донесоа забрана за организирање новогодишни настани на плоштадите од страна на општините, забрана за организирање новогодишни и предновогодишни прослави од работните организации. Вчера, Собранието изгласа кризната состојба во државава да продолжи до 30-ти јуни.