Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Европската Комисија во Брисел ја посети Постојаната Мисија на Република Северна Македонија во ЕУ, каде што реализираше интервју со Македонската информативна агенција (МИА).
Запрашан за пораките кои беа упатени на Меѓународната конференција на Глобалниот сојуз за борба против криумчарењето на мигранти на која на покана од еврокомесарката за внатрешни работи и миграции Илва Јохансон, учествуваше со обраќање на тема „Одговор на криумчарењето мигранти”, Спасовски рече:
„Знаете дека во континуитет веќе десет години ние се бориме со илегалната миграција, со криумчарењето на мигранти, и секако неминовно, со сузбивањето практично на организираните криминални групи, коишто се бават со криумчарење на мигранти. Еден од нашите главни приоритети, во работењето на МВР, е секако спречувањето на илегалната миграција и криумчарењето на мигранти. Оваа појава наметнува многу безбедносни ризици, не само во регионот кај нас, туку и генерално во Европа. И оттаму, се организираше практично и оваа денешна конференција. Морам да кажам, голема конференција со респективен број на учесници, министрите на земјите членки на ЕУ, меѓутоа и министрите од целиот свет, од Пакистан, од афричките земји итн. И ова беше еден сеопфатен пристап во формирањето на т.н. Глобална алијанса за борба против криумчарењето на мигранти, како резултат од таа партнерска дискусија и тоа на рамноправни основи коишто ги имаме, и потребата во оваа битка да се вклучиме, да се потпреме едни на други, да си помогнеме едни со други, и од тоа произлезе и заедничкиот Повик за акција за засилена соработка како земји помеѓу нас или како партнери”, истакна министерот Спасовски.
Притоа, тој потенцираше дека го споделил искуството од формирањето на посебна Национална агенција односно Единица за сузбивање на криумчарење мигрнати, трговијата со луѓе која што заедно со Одделот за гранични работи миграција ги следи состојбите, меѓутоа и делува проактивно во однос на сузбивањето на мигрантите, криумчарењето на мигранти и секако трговијата со луѓе.
„Како врвен приоритет, бараме изнаоѓање на нови начини, механизми, да се бориме против овој вид на криминал и токму заради тоа ја направивме оваа единица, и притоа успеавме преку низа на проекти, пред сѐ ИПА проекти, коишто се финансирани од европските фондови, да извршиме не само подобрување на мобилноста, обуката на кадарот, туку и модернизација на опремата која што ја користи пред се Одделот за гранична полиција. Од големо значење, ја истакнав и таа наша прекугранична соработка, бидејќи споделувањето на сознанијата на оперативни информации, на теренски активности, покажуваат дека е важно да се соработува што е можно поблиску”, рече Спасовски, истакнувајќи ја и соработката пред сѐ со Европол, со Евроџаст, со Селек, и со Фронтекс, како европски агенции, коишто работат заеднички со МВР и практично преку кои се користат сите можни механизми и сознанија кои што сите овие европски агенции ги имаат и можат да се стават на располагање на РСМ.
„Посебно ја истакнав оперативноста на Договорот со Фронтекс, каде што од април месец до денеска практично ние спроведуваме заедничка акција нашата јужна граница. И морам да споделам податок дека оваа година РСМ има намалување за 50 проценти на обиди за илегално преминување на границите, а во споредба со минатата година, ние сме единствена држава во регионот, која што има така добри резултати и се справува ефикасно на ова поле на спречување на илегалната миграција. Меѓутоа, исто така и за 50 проценти зголемување на ефикасноста во откривањето на криумчарењето на мигранти”, истакна Спасовски.