Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска присуствуваше на откривање на спомен обележје во чест на ликот и делото на загинатиот припадник на македонската полиција, Игор Драганов, во организација на Здружението на бранители на Македонија.
„Нашиот херој Игор беше полициски службеник кој некогаш беше со нас, се радувaше и тагуваше заедно со нас, храбро и достоинствено пред 16 години на денешен датум извршувајќи работни задачи во близина на селото Танушевци на падините на Скопска Црна Гора го положи својот живот за татковината, извршувајќи ја својата света должност чување на безбедноста и сигурноста на македонските граѓани”, рече Спасовски.
„Ве уверувам дека Игор засекогаш ќе остане запаметен по своите херојски дела и вечно ќе живее во колективната меморија на сите наши граѓани, а неговата храброст и пожртвуваност ќе биде инспирација за идните генерации. Наша света должност е да направиме се да го зачуваме мирот и безбедноста и да продолжиме да целиме кон подобра иднина, која ќе биде просперитетна за сите. Свесни сме дека овој паметник подигнат во чест и сеќавање на Игор никогаш нема да ја исполни празнината што вечно ќе постои, но сите ние – неговите колеги, пријатели, сограѓани и сонародници – сме повеќе од должни и обврзани не само да го чуваме споменот, туку и со нашето секојдневно работење и однесување да докажеме дека херојскиот чин на овој 24 годишен скопјанец, нема да биде заборавен”, рече Спасовски.