„Групата од Иран и Русија која ги правела лажните дојави за бомби во Македонија е лоцирана, се работи на вештачење на материјалите по што ќе следи и поднесување на кривични пријави“.
Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а повеќе детали најави откако ќе биде завршена истрагата.
„Имаме лоцирано една група. Во моментот се работи на вештачењето на материјалите и потврдување на доказите за да можат да бидат поднесени кривичните пријави. На тој начин еден дел од тие криминални активности за дојавите за бомби ќе биде целосно расчистен и затворен. Тие се лоцирани врз основа на преземени криминалистички активности од страна на секторот за борба против тероризмот, секторот за компјутерски криминал и секторот за меѓународна полициска соработка. На самиот почеток, кога почнаа ваквите напади изјавивме дека секојдневно работиме заедно со сите меѓународни релевантни фактори. Целосните детали ќе можеме да ги соопштиме кога ќе заврши обезбедувањето на доказите и поднесувањето на кривичните пријави“, рече Спасовски.
Министерот најави дека вештачењето прецизно ќе покаже во кој период биле лажните дојави и кон кои институции, иако е извесно дека со оваа истрага се опфатени дојавите од јануари годинава, кога беа интензивирани нападите.
„Во моментов не можам да кажам колкава ќе биде бројката зошто до крај не се завршени вештачењата, а од тие вештачења ќе знаеме точно за кои напади, кој временски период и кон кои институции тоа е упатено. Секако дека еден добар дел од овие напади, претежно мислам дека нападите од јануари месец, оваа година кога беа интензивирани, ќе бидат затворени, но да почекаме за да знаеме точно колку проценти. И претходно поднесовме пет кривични пријави кои дел се за заканите во училиштата во Скопје, целосно е расчистен случајот за дојавите во Кавадарци, целосно е расчистен случајот за дојавата во Делчево и за Тетово имаме завршено“ – рече Спасовски.