Правда за сите, еднаквост пред законите, администрација по европски стандарди, сигурност, јасна визија и просперитет, најави вечерва носителот на листа во ИЕ2 од СДСМ и коалицијата „Можеме“, Оливер Спасовски.
Од граѓанската трибина во Чаир, Спасовски најави нов, четврти пакет економски мерки: домашни платежни картички од 9.000 денари за секој пензионер со пензија до 15.000 денари, картичка за купување домшани производи за секој стечаец, за секој невработен и за секој самохран родител.
Продолжуваме, рече, со конкретни проекти, не со лаги и манипулации.
Според Спасовски, груевизмот и режимот веќе никогаш не смеат да се вратат.
-Мора да има правда за сите. Ова е цел што ќе ја оствариме до крај. Ако сакаме да напредува државата, мора да има правда за сите, секој да одговара за она што ќе го направи и да има страв од непочитување на законите, а тоа е можно само со вистинско судство и вистински обвинители. Покажавме дека нема пресуди и избор на судии од тефтерчиња, но има остатоци од груевизмот и во судството и во обвинителството. Ќе го докрајчиме режимот и ќе му ставиме крај на груевизмот, ќе продолжиме по правиот, по вистинскиот пат. Веднаш по формирање на владата почнуваме со проверка на имотната состојба на судиите и на застарените предмети, за секој што чува предмети во фиока ќе има санакции, а ако некој работел во интерес на политиката или бизнисот, не може да биде судија. Не може мала група луѓе да го руши угледот на институциите. Ќе ставиме точка на тоа, секој од нас ќе се чувствува сигурен и вреден што е дел од македонското општество, истакна Спасовски.