Спасовски го загуби легитимитетот, ама не и желбата за фотелја

Портрет на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

by fokus

Актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска си поднесе оставка од позицијата потпретседател на СДСМ, но за министерската позиција се уште остава простор.

При едно неодамнешно телевизиско гостување тој порача дека новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски во партијата треба да си создаде свој тим и затоа тој смета дека најдобро е да се повлече.

За разлика од некои министри кои најавија дека нема да бидат дел од новата влада на Ковачевски, Спасовски не го направи тоа и остава на новиот лидер да одлучи за неговата судбина.

По се изгледа, не ја загубил желбата за министерската функција и покрај сите скандали кои се случија во негово време во МВР: од бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, па се до издавање пасоши на криминалци од регионот и огромни трагедии без одговорност.

ОД ОПШТИНСКИ СЕКРЕТАР ДО ПРЕМИЕР

Својата партиска кариера Спасовски ја почнува во кумановскиот огранок на СДСМ.  Од 1999 до 2003 година бил член на Претседателството на Општинската организација на СДСМ Куманово. Секретар на општинската организација на СДСМ Куманово бил во периодот од 2000 до 2003 година.

Од 2005 до 2006 година бил организационен секретар на СДСМ, а првата поголема партиска функција ја добива со доаѓањето на Зоран Заев во 2013 година кога станува Генерален секретар на СДСМ.

Во време на градоначалникот Зоран Дамјановски Циц, од 2008 до 2011 година Спасовски е секретар на општина Куманово.

Спасовски беше пратеник во Собранието во три наврати од 2006-2008, 2011-2014 и од 2016 до 2017 година.

Во 2015 година, согласно Пржинскиот договор, е именуван за технички министер за внатрешни работи, кога ја добива внатрешната битка за оваа позиција со Фросина Ременски. Оттогаш до денес Спасовски е во МВР.

Во 2020 година, во втората пржинска влада, Спасовски станува и технички премиер, кога, според упатените, добива уште една внатрепартиска битка, овојпат против Мила Царовска.

Иако мандатот на техничкиот премиер е само три месеци и има за цел организирање на избори, сликата на Спасовски стои во Владата како дел од сите досегашни премиери на Македонија.

Малку недостасуваше Спасовски да биде и кандидат за претседател на државата на изборите во 2019 година, но овојпат ја загуби битката со Стево Пендаровски, кој имаше подобар рејтинг на анкетите.

КУМАНОВО – НАЈТЕЖОК ПОРАЗ

Сепак, и покрај многуте добиени внатрепартиски битки, Спасовски го доживеа најтешкиот пораз со поразот на СДСМ во Куманово на последните локални избори.

Овој пораз му се препишува на Спасовски бидејќи тој отворено го поддржа и го форсираше Оливер Илиевски за кандидат на СДСМ наспроти Максим Димитриевски кој на сите анкети котираше подобро. Беше дел и од кампањата на Илиевски и го придружуваше на митинзите.

Димитриевски после победата на изборите во едно свое видео обраќање истакна дека имал повеќе гласови од Илиевски и избирачкото место каде што Спасовски живее.

ИЗБЕГАА ГРУЕВСКИ, ГРУЈОВСКИ И БОШКОВСКИ

Во време на Спасовски, во МВР се случија голем број скандали. Никола Груевски, Никола Бошковски, Горан Грујевски, Сашо Мијалков. Сите овие обвинети во предметите кои ги почна СЈО успеаја да избегаат и никој за тоа да не сноси одговорност.

Поранешниот премиер Груевски веќе три години спокојно живее во Будимпешта, откако успеа да избега од Македонија и да добие азил во Унгарија. За бегството имаше разни верзии, но Спасовски топката ја префрлаше кај другите институции.

Избегаа и поранешните функционери во УБК, Грујевски и Бошковски, и двајцата обвинети од СЈО за предметот „Тврдина и таргет“, за незаконско прислушување.

Успеа да избега и пораншниот директор на УБК, Мијалков, за кој МВР не знаеше каде е, се додека тој сам не одлучи да се пријави и даде исказ во Обвинителството.

ПАСОШИ ЗА КРИМИНАЛЦИ И ТРАГЕДИИ БЕЗ ОДГОВОРНОСТ

Еден од најголемите скандали беше скандалот со издавањето лажни пасоши од страна на МВР на познати криминалци од регионот.

За овој случај одговараа само неколку службеници од кои најтешко осудениот доби казна затвор од две години и седум месеци. Ниту за овој случај, министерот Спасовски не чувствуваше одговорност.

Во време на Спасовски изби и дипломатскиот скандал со дипломатот Миле Миленковски кој беше уапсен од српската полиција како осомничен за спасувачка операција на контроверзен ерменски олигарх во 2018-тата година.

За Миленковски имало распишано црвена потерница од Интерпол, по која МВР не постапила и Миленковски слободно влегувал и излегувал од Македонија.

Понатаму, се случија и неколку трагедии за кои до денеска никој не одговараше. Во автобуската несреќа кај село Ласкарци загинаа 16 граѓани.

Во пожарот на модуларната Ковид болница во Тетово загинаа 14 граѓани. Последна трагедија беше автобуската несреќа во Бугарија, каде загинаа 45 македонски граѓани, од кои 17 беа деца.

СДСМ вечерва на Централниот одбор треба да ја прифати оставката на Спасовски од позицијата потпретседател. На вечерашната седница нема да се расправа за министерските позиции, па така одлука за тоа дали Спасовски ќе биде министер за внатрешни работи и во новата влада на Ковачевски ќе има по Нова година.

А, тој се уште има желба за министерската фотелја, иако го загуби легитимитетот.

К.С.Б.

Поврзани новости