Спасовски: Ги вративме долговите, реконструиравме 78 објекти, набавивме униформи и опрема за полицијата

by Fokus
 Реализацијата на капиталните инвестиции во буџетот на МВР е 100 проценти во година во која реализацијата на капиталните инвестиции е на историски највисоко рамниште од 465 милиона евра на ниво на Влада, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Во интервју за кумановската „ТВ Плус”, тој рече дека една од целите на раководството на МВР била да се вратиме довербата кај граѓаните во институцијата. Поради ова, нагласи, морале да се создадат добри услови за работа на полициските службеници, од една страна, и остварување на правата на граѓаните, од друга страна. Тој потсети дека на почетокот почнале со мотото „МВР за граѓаните” и најави дека ќе се продолжи во таа насока и во иднина.

 

Спасовски подвлече дека токму во насока „МВР за граѓаните” биле реализирани капиталните инвестиции  овие шест години. Тој посебно го истакна фактот дека сето тоа е сработено со буџет на МВР кој во континуитет е идентичен како оној до 2017 година.

– При моето преземање на МВР наследивме 40 милиони евра доспеан долг, без ниту еден капитален и инфраструктурен проект, без опрема и униформи за полициските службеници. Со истите пари ги вративме сите долгови, реконструиравме 78 објекти согласно принципите на енергетска ефикасност со што имаме големо и намалување на трошоците. Притоа се набавени и униформи за сите полициски единици, кај некои и по повеќе пати, купена е нова опрема и целосно се изградени нови објекти – ИКТ Центарот во Прилеп и Форензичкиот центар во Скопје, истакна министерот.

Тој ги поврза реализацијата на капиталните инвестиции и поставувањето на вистинските приоритети во министерството со резултатите кои тие ги генерираат.

– Со сите вложувања, инвестирања и поставување на приоритетите во борба со криминалот и корупцијата, дојдоа и резултатите, така што оваа година преку Глобалниот индекс за мир сме најбезбедна земја на Западен Балкан, а на 36 место во светот, имаме скок во транспарентноста од 59 во 2016 година до 91.7 проценти во 2022 година, рече Спасовски.

Тој во гостувањето во кумановската телевизија ги отслика низ бројки некои од фактите, додавајќи дека оваа година за првпат МВР е со зголемен буџет од 6 проценти, средства кои ќе се искористат за понатамошно унапредување на институцијата, зацврстување на довербата на граѓаните и гаранција на безбедноста на сите нас.

Поврзани новости