Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски утрово ги посетил припадниците на македонската полиција коишто беа повредени при извршување на службени дејствија на вчерашниот јавен собир пред Владата, МНР и пред Собранието.
-Најостро го осудувам насилството врз полициските службеници чија должност е да ја одржуваат безбедноста. Притоа, во свое име и во име на раководството на МВР изразувам длабока почит за храброста и херојството во одбрана на државните институции и од срце им посакувам брзо закрепнување.
Во оваа прилика би сакал да ја информирам јавноста дека повредени се 47 полициски службеници, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди. На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега, порача Спасовски по посетата.
Тој додаде дека во врска со немирите кои ескалираа пред објектот на Собранието нема ниту еден повреден граѓанин, од страна на полициските службеници приведени се 11 лица, а за време на протестите од страна на полицијата не биле употребени ни пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.