Граѓаните да излезат да гласаат јасно истакнувајќи ги разликите меѓу демократското и просперитетно владеење на СДСМ со режимот кој го креираше ВМРО-ДПМНЕ,порача синоќа на средба со жители во Чаир, носителот на листа на коалицијата „Можеле“ во ИЕ 2, Оливер Спасовски.
Според него, Општина Чаир покажува како се живее во едно општество за сите, како што рече, концепт што граѓаните Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Власи, Бошњаци, други, денес го градат во целата држава успешно, како и дека земјата продолжува по правиот евроатлантски пат, наместо изолирана и во поделби што ги правеше режимската власт на ВМРО-ДПМНЕ.
„Само политичари кои се грижат за сите, може да донесат добро и на Чаир и на оваа држава. Режимот на ВМРО-ДПМНЕ не е решение затоа што мисли само на себе, крадат, рушат се закануваат за државна помош, плати, пензии, граѓаните ги оставија во руини и во кал, додека тие крадеа за своите џебови и за нивната бела палата. Ни национализмот на ДУИ не е решение, бидејки искусивме дека националистичките политики не носат ништо добро на државата. ДУИ реши да оди на овие избори со национализам, бидејки нема што да им понуди на граѓаните, безидејни се после 17 години власт. Затоа е најдобро и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да останат во опозиција, да се самообноват и на следните избори, ако успеат да се реформираат, можеби ќе имаат шанси кај граѓаните“, порача Спасовски.
Оцени дека политиките на градење мостови што ги отвориле перспективите во НАТО и ЕУ и со што е осигурана државата, отвораат пат во наредниот период да се посветиме уште повеќе на силен економски развој.
-Влеговме во НАТО, можеме и во ЕУ. Најавувам дека во следните четири години ќе отвориме 80 проценти од поглавјата за интеграција во ЕУ, а за 5 – 6 години ќе го затвориме преговарачкиот процес. Од европските фондови обезбедуваме 2,5 милијарди евра за државата. Тоа се повеќе пари за справување со здравствената ситуација, за новата развојна економија, капитални инвестиции, земјоделство, канализации, патишта, водоводи. Тоа се европски пари за европски стандарди дома и опцијата за 15 јули е јасна: СДСМ и коалицијата Можеме нуди луѓе кои земјата ја однесоа на прав пат, да продолжиме по овој пат, а ВМРО-ДПМНЕ ги нуди луѓето на Груевски, Мицкоски, Мисајловски…, кои нудат обнова на режимот, рече Спасовски.