Денеска министерот за внатрешни работи го посети 76-иот реконструиран објект – ОВР Делчево, каде што заедно со дел од раководството и градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски извршија увид во реализираните реконструкциски работи на овој објект.
„Денеска во рамки на работната посета направивме увид на 76. реновиран и саниран објект на ОВР Делчево, уште еден значаен градежен проект во рамки на реализацијата на концептот за материјално-техничко унапредување на функционирањето на полициската служба во сите нејзини домени. Проект што веќе неколку години наназад со претходно зацртана динамика го реализираме низ целата држава: Опремена и задоволна полиција – вистински сервис за граѓаните“, истакна министерот Спасовски.
Спасовски образложи дека ОВР Делчево е целосно саниран во сите градежни аспекти со средства од буџетот на Министерството во висина од околу 20 милиони денари, почитувајќи ги притоа сите современи градежни стандарди, вклучително и стандардите за енергетска ефикасност, а во насока на драстично подобрување на условите на секојдневно работење на полициските службеници од оваа организациона единица и се разбира во интерес на граѓаните и услугите што полицијата како нивен сервис ги остварува.
„Овде би сакал да го спомнам и проектот „Сината униформа дејствува за зелена околина“, каде што со цел заштеда на електична енергија поставуваме соларни панели на 15 објекти на МВР од кои еден е токму зградата на РЦ Исток со што имаме заштеда до 33% проценти од електричната енергија или за илустрација пример 2020 година заштеда од цели 45 милиони денари во споредба со 2017 година.“, потенцираше министерот Спасовски.