Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска за време на работниот престој во Виена, на покана на амбасадорот на земјава во Австрија, Освит Росоклија, оствари средба со претставници на македонската дијаспора, како и со вработените во Амбасадата, информира МВР.
Од страна на амбасадорот Росоклија, Спасовски беше информиран за процесот на издавање на патни исправи преку Дипломатско-конзуларните претставништва, односно дека во изминатиот период, заклучно со 15 ноември, само во Виена се издадени вкупно 884 патни исправи преку заедничкиот проект на Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи, отпочнат на 01.10.2021 година, а во врска со поднесување барања за издавање на патни исправи преку базните станици во дипломатско-конзуларните претставништва.
– Согласно новиот проект од страна на МВР обезбедени се и инсталирани вкупно 11 базни станици (Њујорк, Венеција, Брисел, Стокхолм, Љубљана, Лондон, Берн, Виена, Бон, Берлин,и Минхен) и 5 мобилни станици, а досега заклучно со 15 ноември 2022 издадени се вкупно 18.223 патни исправи преку ДКП ширум светот, велат од МВР.
Министерот Спасовски укажа дека проектот е во насока на сериозно кратење на времетраењето на процедурите, намалување на гужвите по управните служби, но и трошоците за граѓаните, со тоа што сега процедурата трае од 15 до 30 дена, споредбено со неколку месечното чекање што беше пракса во минатото, пред отпочнување на проектот.
Претходно денеска во Виена, Спаосвски имаше средба со неговиот австриски колега Герхард Карнер и одржа предавање во Министерството за внатрешни работи на Асвтрија.