Екс министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски во гостување на ТВ21 рече дека има повеќе причини за поразот на неговата партија на изборите, а меѓу нив ги посочи Договорот со Бугарија, но и однесувањето на коалицискиот партнер – ДУИ.
„Има повеќе причини за таквиот резултат, но ако треба неколку да одвоиме, тие се самата поставеност на партијата да ги направи најтешките работи за државата да може да чекориме напред, а тоа е Договорот со Бугарија, која беше цело време зборуван од јавноста. Однесувањето на ДУИ визави СДСМ, визави состојбите во државата. Настаните кои ни се случуваа во текот на сите овие години, кадровскиот потенцијал итн, сметам дека има големо влијание“ – рече Спасовски.
Според него, имало прашања за кои се немало согласност со ДУИ, кои не се затвориле.
„Тоа што е добро да се прифаќа, тоа што не е – да не се прифаќа. Во јавноста перцепцијата е дека се што ќе побара ДУИ, СДСМ го дава. Ќе видиме дали е со причина наметната таа перцепција или нема причина. За жал, политиката е првично перцепција. Без разлика што ќе видите во одлуките. Истата таа тема на која се зборуваше сето она што ќе се побара се добива, еве можност да видиме како ќе се формира новата влада, новата коалиција, да видиме како ќе бидат односите сега меѓу новите коалициски партии. Јас кога зборувам за одговорен пристап, зборувам за пристап кој е важен и полезен за државата, за иднината на државата и за граѓаните. Ако зборуваме за личен интерес, тогаш е многу лесно да излегувате со ставови“ – изјави Спасовски.
Убеден е дека ниту еден пратеник од СДСМ нема да му даде поддршка на актуелното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Убеден сум дека од СДСМ не постои пратеник кој ќе даде поддршка на актуелното мнозинство“ – рече Спасовски.