Премиерот Оливер Спасовски денеска учествуваше на видеоконференцијата на Самитот за Западен Балкан 2020, под покровителство на канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, на која се расправаше за соработката на актуелни прашања од интерес на граѓаните од регионот и за проширувањето на ЕУ, како и за справување со коронавирусот.
Во контекст на состојбата со коронавирусот и на тоа што земјава презема за спречување за спречување на ширењето, Спасовски кажа дека е потребно заедништво на сите земји од регионот, но и од Европската Унија.
„Република Северна Македонија прогласи кризна состојба во две општини. Подготвени се сите потребни активности за да обезбедиме и спроведеме ефикасни мерки за справување со ситуацијата и со ширењето на коронавирусот. Сите институции и нивните припадници, стручни за организирање и спроведување на сите неопходни акции и мерки од Акцискиот план за оперативна имплементација на одлуката за постоење кризна состојба се на терен“, рече Спасовски.
На видеоконференцијата, премиерот Спасовски беше придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, а на неа учествуваа премиерите од земјите на Западен Балкан и еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.
Заканата од пандемијата со која се соочуваме, според него, ја покажува важноста на меѓународната соработка.