Претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски упати апел до надлежните институции за сериозност и професионално делување по повод случувањата во последните месеци во кои, како што изјави, поради лажните дојави за бомби во училиштата и неможноста да се најдат испраќачите, кај граѓаните сериозно е нарушено чувството на безбедност и доверба во системот, објави Мета.мк.
Тој нагласи дека освен до МВР апелира и до Министерството за образование, бидејќи системот за онлајн настава не функционира во повеќето училишта, па заобиколните решенија за одвивање на образовниот процес не се возможни. Општините, како што вели, не можат да ја спроведуваат оваа надлежност и не можат да им помогнат на родителите кои се обраќаат во единиците на локалната самоуправа.
„Од името на ЗЕЛС, сакам да апелирам и да го повикувам МВР, како надлежна институција да преземе сериозни чекори за пронаоѓање на испраќачите на електронските пораки за поставени бомби низ училиштата во Скопје и другите градови за да можат учениците што поскоро непречено да следат настава. Паниката и стравот со кои живеат родителите и учениците, чувството на небезбедност и несигурност во училиштата кои траат со месеци, се притисок и тортура кои никој не треба да ги трпи. Затоа го повикувам министерот Спасовски да заврши со објаснувањата зошто не можат да ги најдат сторителите, бидејќи во системот и МВР, тој е поставен за министер токму со таква цел. Не поминуваат повеќе никакви оправдувања, никакви декларативни заложби, бидејќи и после неколку месеци, нема резултати од ниту една истрага. Ова е класична тортура на учениците, родителите, наставниците и на сите граѓани и мора да престане“, рече Ѓорѓиевски.
Тој го повика и Министерството за образование и наука да најде начин наставата да продолжи и да се зафати сериозно со овој проблем, бидејќи системот за онлајн настава не функционираше вчера, а во некои училишта, не функционира ниту денес.
„Во име на родителите ве замолувам и барам да ставите крај на овој хаос“, изјави претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски.