Спасовски: Борбата против недозволената трговија со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет на МВР

by Fokus

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на Регионалниот состанок на претставници на гранична полиција и Царинска управа од Југоисточна Европа, во организација на Агенцијата за контрола на мало и лесно оружје во Југоисточна Европа (SEESAC) и Европската агенција за гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС.

Спасовски рече дека управувањето и зајакнувањето на границите со цел справување со сите форми на прекуграничен криминал, меѓу кои и недозволената трговија со оружје е еден од приоритетите на МВР, но во исто време и еден од најголемите предизвици.

„Во таа насока, согласно стратешката определба на Република Северна Македонија за пристапување кон Европската Унија и усогласување со европските директиви, оваа година ја донесовме Националната стратегија за контрола на мало и лесно оружје и национален акциски план за 2022-2025 година. Во завршна фаза на усвојување е Прирачникот за мало и лесно оружје за граничните и царинските службеници, во соработка со Frontex, а во соработка со ОБСЕ донесена е и Стандардната оперативна процедура за прибирање и следење на податоци и информации за известувања поврзани со мало и лесно оружје”, истакна Спасовски.

Спасовски рече дека активно се работи и на спроведување на сите планирани активности за остварување на поголеми резултати во подигнувањето на јавната свест за опасностите од злоупотреба на огнено оружје, спречување на трговијата со оружје, како и воспоставување ефикасни системи за размена на информации.

„Неодамна одржаната Обука за етиката во информирање на јавноста за родово базираното насилство, со фокус на инциденти со злоупотреба на огнено оружје, организирана од СИСАК, на која учествуваа и вработени во МВР но и медиуми беше уште една убава можност да се поработи во истата насока”, рече Спасовски.

Поврзани новости