Системот „Безбеден град“ ќе се надградува, а тоа ќе значи вклучување на поголемите градови и на автопатите низ државата.
Ова денеска од Штип го порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Во овој момент го имаме само во Скопје, Куманово и Тетово, а во тек е процес на надградба на целиот овој систем. Надградбата ќе ги вклучи и автопатиштата низ државата и овие три града и тука ќе се вклучи, секако, и електронското утврдување на сообраќајните прекршоци“ рече тој.
Спасовски порача дека идејата е системот да се прошири, пред сè, во големите градови каде што има поголема фреквенција на луѓе.
„Штип е еден од тие градови, иако мораме да кажеме дека истокот, подрачјето на Штип, е мирно, стабилно, меѓутоа секаде каде што имаме видеонадзор имаме подобрување на безбедносната состојба, но ни помага и во откривачката дејност на јавната безбедност“ – додаде министерот.