Берлинскиот процес ни даде нам, на политичките лидери на земјите од Западен Балкан, можности за поддршка на суштински и длабоки внатрешни реформи и заемна соработка во неколку главни области, потенцира претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, во неговото обраќање на состанокот на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес под заедничко претседателство на Република Северна Македонија и Република Бугарија, што се одржува во Скопје.
Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и на земјите од ЕУ што се дел од Берлинскиот процес, според премиерот Спасовски, уште еднаш ја потврдува цврстата определба, оваа иницијатива да му ги даде стратешките фундаменти за забрзување на процесот, за постигнувањето на европските стандарди и да го забрза процесот на интеграција на земјите од регионот во Европската Унија.
Претседателот на Владата, Спасовски, како што соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста, посебно посочил на Агендата за млади, како еден од најреалните резултати на Берлинскиот процес досега.
– Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) придонесе за вклучување и на граѓански организации, со цел зголемување на транспарентност и отчетност на целокупниот Берлински процес. Агендата за поврзување зазема централно место во рамки на Берлинскиот процес, а се однесува на унапредување на инфраструктурата на земјите од Западен Балкан. Агендата има за цел поврзување на земјите од регионот со Европската транспортна инфраструктура преку бројни инвестиции во транспортни и енергетски проекти, рекол премиерот Спасовски.
Тој го нагласил Берлинскиот процес и како важен во поактивната регионалната економска соработка.