Со измените на законот за матични броеви, кои беа усвоени вчера, се решава проблемот на околу 700 македсонски граѓани кои немаат државјаноство, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Во одговор на новинарско прашање на „Денови на отворен кабинет“ што се одржува во Струга тој објасни дека сега овие луѓе кои се родени на територијата на Република Македонија и кои живает тука сега ќе може да добијат државјанство.
„Тоа е еден од проблемите за кој што многу се зборуваше изминатиот период. Имаме донесено посебен закон за регистрирање на лицата кои што се родени на територијата на државата, а не биле запишани досега во матичните книги на родените. Им се издаваа евиденциони листови со кои што можеа да користат дел од своите права. Меѓутоа благодарение на дебатата која што се разви во Собранието, заедно со институциите, направивме измена на законот, на предлог на пратениците во Собранието, и на тој начин практично се решава проблемот со сите тие седумстотини лица, ќе имаат можност да бидат запишани во матичната книга на родените и на тој начин да ги остварат сите права и обврски кои ги имаат како државјани на Република Северна Македонија.“, истакна министерот Спасовски.
Според Спасовски носењето на законот претставува решение на еден проблем што ќе ја подобри и меѓународната позиција на Република Северна Македонија.
„Знаете дека ние сме потписници на Конвенцијата за лица без државјанство на Обединетите Нации и работејќи токму на остварување на оваа цел, тоа е крупен чекор којшто е направен овој период.“, изјави Спасовски.